Тинејџер уби двајца врсници и рани 12 во училиштето во Кентаки

Петнаесетгодишен ученик пукал од пиштол во средно училиште во вторникот во западниот дел од американската сојузна држава Кентаки, при што убил двајца колеги од училиштето и ранил други 12 пред да биде уапсен, соопштија локалните власти и полицијата.

Пукањето во средното училиште, коешто го посетуваат 1.146 ученици, во градот Бентон, главен град на округот Маршал Каунти, започнало околу 8 часот утрото по локално време, според изјавата на гувернерот Мет Бевин и државната полиција.

Четиринаесет ученици биле погодени во пукањето, двајца од нив починале. Петнаесетгодишна девојка умрела на самото место на нападот, а петнаесетгодишно момче е прогласено мртво во болницата, изјави Бевин на прес-конференцијата неколку часа по нападот.

Пет од дванаесетте ранети ученици се пренесени во иста болница, а други пет ученици имаат повреди кои не се од куршуми.

Полицијата соопшти дека насилството избило кога вооружен петнаесетгодишник влегол во училиштето и започнал да пука од пиштол. Гувернерот Бевин рече дека е уапсен „на ненасилен начин“.

Властите засега не располагаат со никакви други поединости за овој инцидент.