Рахој ги повика сепаратистите да именуваат кандидат кој ќе го почитува законот

Шпанскиот премиер Маријано Рахој ги повика во неделата приврзаниците на независноста на Каталонија да именуваат кандидат за претседател на покраината кој ќе го почитува шпанскиот закон, наместо Карлес Пучдемон, кој се засолна во Белгија за да го избегне апсењето во Шпанија под обвинение, меѓу другото, и за поттикнување на бунт.

На состанокот на неговата владејачка конзервативна Народна партија (PP) во Кордоба, на југот од Шпанија, премиерот Маријано Рахој изјави дека се надева оти ќе биде „именувана личност којашто на работи гледа поинаку, во прв ред којашто ќе рече: јас сум политички челник и затоа ќе го почитувам законот, бидејќи тоа е моја обврска и бидејќи така се прави во демократските земји“.

Карлес Пучдемон, претседател на Женералитетот, автономната каталонска влада, кој заговара независност на североисточната покраина од Шпанија, го отстрани централната шпанска влада бидејќи заедно со неговите соработници на 27-ми октомври прогласи независна Република Каталонија по резултатите од забранетиот референдум за независност од ланскиот 1-ви октомври. Шпанската влада ја суспендираше автономијата на Каталонија и го презема управувањето со покраинската администрација неколку часа по прогласувањето на каталонската република во Барселона.

Пучдемон со четворица министри од неговата влада пребега во Белгија, откако во Шпанија беше распишан налог за апсење поради поттикнување на бунт и непослушност кон централната власт, подготвување на референдумот и трошење на јавни покраински пари за негово спроведување, за што му се заканува долгогодишна затворска казна. Претходно во притвор крај Мадрид беа ставени повеќе каталонски политичари лидери на движењето за независност.

На вонредните парламентарни избори коишто се одржаа на 21-ви декември, а кои ги распиша Мадрид во надеж дека така ќе ја реши кризата со пораз на приврзаниците на независноста, вториве повторно освоија апсолутно мнозинство во покраинскиот парламент, па Пучдемон планираше да се врати на претседателската должност, откако беше именуван во отсуство. Меѓутоа, Уставниот суд на Шпанија, ја забрани оваа процедура.

Потврдувањето на претседателот на владата во каталонскиот парламент, предвидено за 30-ти јануари, беше одложено на неодредено време. Во таборот на каталонските сецесионисти се јавија поделби меѓу оние кои по секоја цена сакаат да задржат кандидатурата на Пучдемон и оние кои попрво сакаат да изберат друг кандидат.