Јункер повтори дека земјите од Балканот мора да ги решат граничните спорови пред влегувањето во ЕУ

Поради лошото искуство со Хрватска и Словенија, земјите од западниот Балкан ќе мора да ги решат своите гранични спорови пред да влезат во Европската унија, изјави во саботата претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Неодамна ЕУ ја претстави својата нова стратегија за западен Балкан во којашто се зборува за арбитражниот модел на решавањето на споровите коишто не можат да се решат со билатералните преговори.

Јункер рече дека му е „тешко“ кога го следи хрватско-словенечкиот судир околу границата, за кој верува дека можел и морало да биде решен пред овие две земји да станат членки на ЕУ.

„Наместо тоа, тоа е препуштено на арбитражниот суд, но страните не можат да се договорат како да постапат со неговата одлука“, рече Јункер на безбедносната конференција во Минхен.

Челникот на владата на ЕУ поради тоа повторно истакнува дека судирите на Балканот мора да се решат пред државите од регионот да ѝ се приклучат на ЕУ. Овенувајќи дека во овој момент сѐ уште не се подготвени за членство, Јункер истакнува дека перспективата, сепак, и натаму постои.

„Тоа е поради судирите во 1990-те многу чувствително подрачје. Перспективата на проширување на овозможува на западен Балкан да извезуваме стабилност, наместо да ја увезуваме нестабилноста во ЕУ. Предусловот за тоа е овој: земјите од западен Балкан мора да ги решат своите гранични спорови пред да влезат во ЕУ“, истакна Јункер.

Кон крајот на февруари и почетокот на март Јункер ќе ги посети шесте балкански земји кои сакаат да станат членки на ЕУ, но се фрустрирани од тоа што Брисел не одреди јасна временска рамка за влегување во Унијата.