Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во рамки на официјалната посета на Република Турција, денеска во Анкара имаше средби со турскиот премиер Бинали Јилдирим и со претседателот на Големото национално собрание Исмаил Караман.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на средбите биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Турција, при што било оценето дека двете земји негуваат традиционално пријателски односи, со интензивни контакти на највисоко ниво.
Претседателот Иванов со премиерот Јилдирим и со претседателот на собранието Караман разменија информации за состојбите во двете земји и за актуелните состојби во регионот.
Како што се наведува во соопштението, во контекст на евро-атланските аспирации на Република Македонија, претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната принципиелна поддршка од Турција за членство на Република Македонија во НАТО и изрази очекување таа да продолжи.
„Покана за членство на Македонија во НАТО ќе биде дополнителен поттик за реформските процеси во земјата и ќе создаде огромни придобивки за долгорочната стабилност и безбедност на регионот“, порачал претседателот Иванов на средбите со премиерот Јилдирим и со претседателот на Собранието Караман, изразувајќи благодарност за принципиелниот став на Република Турција за употребата на уставното име на Република Македонија, вклучително и во рамки на НАТО.
На средбите биле разменети мислења и за можностите за економска соработка, при што, како што се наведува, беше констатирано дека треба да се следи примерот на одличните политички односи и двете земји да се стремат кон натамошно интензивирање на трговската размена. Иванов изразил очекување за проширување на интересот на турските компании за инвестирање во Република Македонија.
Кабинетот на Иванов соопшти дека, на средбите било изразено очекување за продлабочување на соработката меѓу безбедносните служби на двете земји, и изнаоѓањето на ефективни средства и методи за превенција и борба против ширење на насилен екстремизам и тероризам.
На средбата со претседателот на турското собрание Караман, било истакнато значењето на парламентарната соработка за севкупните билатерални односи, од аспект на нејзините ингеренции за дефинирање на законската рамка, која создава услови за унапредување на политичкиот дијалог и динамизирање на економската соработка.
Претседателот Иванов денеска попладне ќе се сретне со претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган.
Претходно, претседателот Иванов, во рамки на официјалната посета на Република Турција, положи венец во Мавзолејот на Кемал Ататурк во Анкара.