Мицкоски на средба со советникот на Ангела Меркел, Хекер

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, придружуван од Подпретседателот Александар Николовски и Тимчо Муцунски, оствари средба со Јан Хекер, Советник за надворешна политика на Канцеларот на СР Германија, Ангела Меркел.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека на средбата Мицкоски најпрво му честитал на соговорникот за формирањето на новата коалиција во Германија и нагласил дека очекува да продолжи поддршката дадена од СР Германија за евроатланската интеграција на Република Македонија, во новиот мандат на Канцеларката Меркел.

Мицкоски го информираше Хекер за политичка состојба во Македонија, посебно нагласувајќи ги политичките притисоци врз институциите и граѓаните од страна на партиите на власт. Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која како свои стратешки приоритети ги има евроатланските интеграции и ќе продолжи со своите капацитети да ги поддржува истите, се наведува во партиското соопштение.