Гневни поради зачестените пукања во училиштата и минатомесечното маскар во Паркленд, стотици илјади Американци излегоа на улиците протестирајќи против огненото оружје под мотото „Марш за нашите животи“, а меѓу нив беше и деветгодишната внука на Мартин Лутер Кинг.
Во Вашингтон масата ги преплави улиците меѓу Белта куќа и Капитол. Организаторите најавија повеќе од половина милион млади и возрасни, а собирот се одржа под мотото „Никогаш повеќе!“.
Внуката на борецот за човечките и правата на црното население Мартин Лутер Кинг, којашто има само девет години, упати во саботата во Вашингтон силен повик против огненото оружје, а нејзината спонтаност предизвика одушевување кај толпата. Вдахновена од славниот говор на нејзиниот дедо, Јоланда Рене Кинг рече:
„Во сонот што го сонувам, премногу е, премногу. Во овој свет не би требало да има оружје. Пренесете ја пораката, слушате ли? Ширум целата земја. Ќе бидеме големо поколение“, додаде со сигурен глас, што беше проследено со силен аплауз.
Повеќе од 800 протесни собири се предвидени во другите американски градови и во светот, на коишто главниот збор го имаат младите. Во Њујорк, Атланта, Чикаго и Сент Пол во сојузната држава Минесота, илјадници луѓе се собраа во саботата претпладнето по локално време за да му дадат поддршка на протестот. Претходно младите Австралијци организираа слични собири во знак на поддршка на своите врсници во САД.
На национално ниво протестот е наречен „Марш за нашите животи“, што е реакција на масакрот на 17 лица во средното училиште во Паркленд, во сојузната држава Флорида, на 14-ти февруари. Незадоволството ги предизвика недејствувањето на парламентарните претставници и државните власти со децении наназад, коишто не сакаат да дејствуваат против интересите на влијателната Национална пушкарска асоцијација (NRA), кое е моќно лоби за огненото оружје. Многу слогани беа политички, а Дејвид Хог, ученик и еден од претставниците на протесното движење повика на изборите да се гласа за оние коишто се противат на носењето оружје. Но и милиони Американци сметаат дека можноста да се носи огнено оружје е уставно право кое сито толку важно како и слободата на говорот.
Од огнено оружје годишно во САД гинат над 30.000 лица, а училишната младина се нарекува „генерација на масовното пукање“ или „генерација Колумбина“, според името на средното училиште во сојузната држава Колорадо каде што двајца ученици во 1999 година усмртија 12 колеги и професори.
На протестите поддршка им дадоа и многу славни личности, а некои во саботата ќе настапат на бината на Конститушн Авенју во Вашингтон. Меѓу славните кои ги поддржуваат средношколците во Паркленд се и Аријана Гранде, Џенифер Хадсон, Деми Ловато, Џастин Тимберлејк, Мајсли Сајрус и Џастин Бибер. Џорџ Клуни, Опра Винфри и Стивен Спилберг донираа по 500.000 долари за поддршка на „Маршот за нашите животи“. Актерот Бил Маеј ја спореди мобилизацијата на Американците против носењето огнено оружје со онаа од 1960-те години против војната во Виетнам.
Убиството коешто во Паркленд го изврши поранешен ученик исфрлен од гимназијата и психички нестабилен, ги спои „преживеаните“ ученици кои веќе пет седмици се сеприсутни во медиумите. Петмина од нив се најдоа на насловната страница на магазинот Time оваа седмица. Нивната енергија им ја донесе поддршката од многубројните познати лица.