Финалистот на годинешното големо финале во Лигата на шампиони, Ливерпул со победата од 4:0 во неделата над Брајтон во средба од последното 38-мо коло на англиското фудбалско првенство, си обезбеди пласман и следната сезона во најелитното континентално првенство, додека Челзи остана без пласмана во ЛШ.
Последното коло во Премиер лигата го даде и последниот патник во понизок ранг натпреварување, а тоа е Свонси Сити. Велшаните пред последното коло имаа само теоретски шанси за спас, но по домашниот пораз со 1:2 од исто така новиот второлигаш Стоук Сити, останаа и без нив. На Свонси му беше потребна убедлива победа против Стоук, и убедлив пораз на Саутемптон против шампионот Манчестер Сити, но на крајот ништо од тоа не се оствари.
Манчестер Сити го совлада Саутемптон со 1:0 со голот на Габриел Жезус уште во третата минута од мечот. Сити со тоа ја потврди титулата со дури 100 освоени бодови што досега не му успеало на ниеден клуб во елитно натпреварување на Островот.
Рекорд собори и одличниот напаѓач на Ливерпул, Мохамед Салах кој во победата против Брајтон енд Хоув Албион со 4:0 го постигна својот 32 погодок во првенството оваа сезона што е нов рекорд на Премиер лигата. Салах досега го делеше овој рекорд со Алан Ширер и Кристијано Роналдо, но сега е само на врвот.
Египетскиот напаѓач го собори рекордот според бројот на головите во една сезона во Премиер лигата, откако таа има 20 клубови. По 31 гол постигнаа Алан Ширер, кој беше најдобар стрелец во сезоната 1995/96, Кристијано Роналдо од 2007/08 и Луис Суарез од сезоната 2013/14. Салах сезонава во сите натпреварување постигна 44 голови, што е три гола помалку од рекордот на Ливерпул во една сезона, кој во 1984 година го постави Јан Раш.
Салах ја доби и наградата за играч на годината во Премиершип, а неодамна е прогласен и за најдобар фудбалер во англиското првенство во изборот на здружението на англиските спортски новинари.
Во „лудиот“ натпревар на колото Тотнехем со 5:4 го совлада Лестер Сити. Гостите водеа со 3:1, но Тотнехме направи пресврт и поведе со 4:3. Гостите потоа изедначија, а Хари Кејн во 77 минута ги постигна конечните 5:4.
Њукасл Јунајтед го победи Челзи со 3:0 и лондонските „сини“ ја завршија сезоната на петтото место без директен пласман во Лигата на шампионите, без која повторно остана и Арсенал кој на крајот заврши на шестото место на табелата.
Од Премиер лигата испаѓаат Стоук Сити, Вест Бромвич Албион и Свонси Сити.