Македонија на дното на европската листа по безбедност на патиштата

Во Македонија има 7,1 жртви во сообраќајот на 100.000 жители што ја сместува во последните 5 од вкупно 32 земји во Европа, според безбедност во сообраќајот.

На денешната меѓународна конференција на тема „Безбедност на патиштата“ министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески рече дека ако се земат показателите дека во земјите од ЕУ има во просек 5,2 жртви во сообраќај на 100.000 жители, покажуваат дека е неопходно да се најде конкретно решение со кое ќе се подобрат условите на патиштата и ќе се зголеми безбедноста.

Сугарески информираше дека веќе е формирана работна група која до крајот на 2018 година ќе даде конкретен предлог за формирање на Агенција за управување со безбедноста на сообраќајот.

Безбедноста е комплексен проблем каде што се бара мултисекторски пристап и неопходност од поставување на механизми за ефикасно и ефективно управување, координација и одржливо финансирање на системот на безбедност. Многу е важно е да се мобилизираат и подготват сите клучни институции и секоја од нив да преземе соодветни активности во својот делокруг на работа. Во така насока се јави потребата да се формира една водечка институција односно Извршно тело кое ќе има крајна одговорност и задача за подобрување на безбедноста и намалување на бројот на жртви на патиштата во Република Македонија, рече Сугарески.

Заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу изјави дека МВР презема сет на безбедносни мерки и во координација со другите институции работат на зголемување на безбедноста во сообраќајот.

На конференцијата говореше и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов кој истакна дека во рамките на претпријатието се формирани секторски одделенија кои ќе работат исклучиво на квалитетни проекти во патната инфраструктура заради подигнување на безбедноста на патиштата.