Романските владејачки социјалдемократи и илјадници нивни приврзаници се собраа во саботата пред зградата на владата во Букурешт на протест по обвинувањата за злоупотреби на овластувањата од страна на специјалните антикорупциски обвинители.
Романските телевизии проценуваат дека се собрале околу 200.000 луѓе дојдени од сите краеви на земјата, а полицијата не излезе со свои процени. На протестот присуствуваа и премиерката Вјорица Динцила и други министри. На транспарентите можеа да се прочитаат натписи „Стоп за сталинистичките судења“ и „Сакаме правда, не политичка полиција“. На протестите се појавија и челниците на коалициските партнери на PSD, Алијансата на либералите и демократите (ALDE).
Во дел од романските медиуми на овој протест се гледа како на одговор на владејачката коалиција на низата големи антивладини протести против обидот на социјалдемократите со вонреден указ да декриминализираат неколку кривични дела од областа на корупцијата. По ваквите масовни протести, владејачката партија го повлече указот.
Романија е една од најкорумпираните земји на континентот и во рамките на Европската унија, а телата на Брисел нејзиниот правосуден систем го држи под постојан специјален надзор.
Специјалните антикорупциски обвинители издејствуваа низа осуди на пратеници, министри и градоначалници изминатите години, поради судир на интереси, злоупотреба на власта и овластувањата, измами и доделувања државни договори во замена за мито.
Меѓутоа, водечките политичари, од кои некои во моментов се под истраги или против нив се започнати судски процеси, негираат дека сториле нешто противзаконски и ги обвинуваат специјалните обвинители дека ги користат своите овластувања за политички прогон. Тие, исто така, ги обвинуваат дека пречесто се потпираат на достави од „трета страна“ кога ги градат своите случаи.
„Не смеете да имате илузии дека цел се само високи функционери или службеници. Никој не е сигурен. Апсолутно секој може да биде цел на дојава којашто може да води до осуда“, истакна меѓу другото лидерот на Социјалдемократската партија, Ливиу Драгнеа, пред илјадниците приврзаници кои носеа бели маички и со романски и партиски знамиња.
Самиот Драгнеа, кој се смета за најмоќната политичка фигура во Романија, е прогласен за виновен за местење избори поради што по пресудата од 2016 година му е забрането да биде премие. Сега е на суд поради специјален случај на наводно поттикнување на злоупотреба на функциите на други јавни службеници и формирал организирана криминална група и под истрага поради сомневање дека на своја сметка префрлал пари од ЕУ со фалсификување документи за што на 21-ви јуни ќе биде изречена пресуда. Тој ги негира обвинувањата дека имало нешто незаконско во сите три случаи.
Неговите социјалдемократи сега настојуваат да го изменат кривичниот закон, а нивните критичари велат дека некои од измените ќе им наштетат на истрагите.