На референдумот ќе може да гласа и дијаспората

Поради неусогласеност на Законот за референдум и на Изборниот законик ДИК мораше да донесе Правилник со кој се предвидува дека овој пат право на глас на референдум ќе има и дијаспората.

Државната изборна комисија (ДИК) денеска ја одржa првата работна седница на која по формирањето и едногласно го усвои Правилникот за нејзината работа.

Освен граѓаните со живеалиште во Македонија право на изјаснување ќе имаат и сите што живеат надвор од Македонија, но имаат македонско државјанство и се запишани во Избирачкиот список.

Потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху рече дека никој не може да го ускрати правото на гласање на македонските граѓани во дијаспората и потенцира дека таа лично е против начинот на кој се организира гласањето во дијаспората.

„Досегашниот начин на гласање беше голем трошок за државата, а излезноста е многу мала. Затоа сум против начинот на кој сега се гласа во дијаспората. Од тие причини ги повикувам сите граѓани да дојдат и да си гласаат во татковината,“ рече Шеху.

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски,  дополни дека тоа не е работа на Комисијата и упати апел до Собранието како надлежно за донесување на закони, во иднина да се погрижи да го изнајде најдоброто можно решение во интерес на македонските државјани.

Ова е прв пат дијаспората да добие можност да гласа на референдум затоа што право на глас добија во 2011 година со Изборниот законик, а Законот за референдум е донесен во 2005 година.

Според новиот Правилник право на гласање на претстојниот референдум имаат сите граѓани кои наполниле 18 години и кои имаат живеалиште во Република Македонија и се регистрирани во Избирачкиот список. Разликата во однос на парламентарните, локалните и претседателските избори е тоа што во  избирачките одбори нема да членуваат претставници на политичките партии туку нив ќе ги сочинуваат само претставници на јавната администрација. Наместо пет како до сега избирачките одбори ќе имаат по три члена.

ДИК ги повика граѓаните навремено  да направат увид во Избирачкиот список кој ќе започне на деветти август и ќе трае пет дена пократко отколку во другите предизборни циклуси односно до 23 август до полноќ.

Доколку било кој гласач сака да изврши промена на податоците во Избирачкиот список тоа ќе може да го направи во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија или електронски на  на веб страницата на Државната изборна комисија  https://izbirackispisok.gov.mk/ .

За заштита на избирачкото право надлежни се Државната изборна комисија и Врховниот суд на Република Македонија каде што граѓаните ќе можат да поднесат жалба односно тужба.

 

 

 

Иако Законот за јазиците се’ уште не е влезен во сила, претставниците на ДУИ и на Беса во ДИК, Дитмире Шеху и Енвер Салиу на денешната седница наместо на македоснки говореа на албански јазик.

„Правото да зборуваме на албански јазик го црпиме токму од Законот за употреба на јазиците“, рече Шеху.