На наредната владина седница, в среда, ќе се знае колку средства ќе се одделат за кампањата за претстојниот референдум за договорот меѓу Македонија и Грција. Досега само Министерстото за одбрана излезе со информација колку средства ќе намени за претстојниот референдум.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера на Отворениот ден на АРМ за граѓаните рече дека МО ќе стави на располагање нешто помалку од 60 милиони денари за кампањата за претстојниот референдум.
Владиниот портпарол Муамет Хоџа во средата изјави дека Владата на наредната седница ќе донесе конкретен план и програма за одвивање на целата кампања за референдумот, вклучително и за средствата што ќе се потрошат за таа намена.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа повтори дека позицијата на партијата во врска со референдумот ќе ја изнесе по сеопфатна консултација со граѓаните и внатрепартиските консултации кои се одвиваат паралелно.
Во текот на следната недела се очекува да бидат соопштени и информации за тоа дали и како пратениците и пратеничките групи ќе учествуваат во јавната пропаганда за референдумот, но и тоа дали Собранието, како овластен предлагач, со свои претставници ќе ја набљудува работата на изборните органи што ќе го спроведуваат референдумот на 30 септември.
Нема забрани за тоа кој може да води камања за референдумот. Според одлуката на Државната изборна комисија, само Собранието како овластен предлагач има определено посебен простор за јавна пропаганда кој го обезбедуваат радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми.
Согласно одлуката на ДИК останатите кои сакаат да учествуваат во кампањата, тоа може да го сторат по пазарни услови.