Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадорот на СР Германија Томас Герберих денеска во Скопје ја потпишаа заедничката декларација меѓу македонското МВР и германското сојузно министерство за транспорт и дигитална инфраструктура,за олеснување на постапките за меѓусебна замена на возачките дозволи на граѓаните од Република Македонија и Сојузна Република Германија .
Денешниот ден е многу значаен затоа што потпишуваме долгоочекуван договор, договор за кој најдовме начин да ги завршиме преговорите и да го потпишеме. Знаете дека овој процес на разговори трае многу долго и навистина сум среќен што успеавме за една година да ги отстраниме сите пречки кои што беа за да се склучи еден ваков договор, рече Спасовски.
Такви и слични договори веќе имаме со повеќе европски земји како Италија, Шпанија, Белгија, Романија, Чешка, Унгарија, Австрија, со земјите од регионот – Србија, БИХ, Албанија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, а во завршна фаза се договарањата со Турција, Велика Британија, соседно Косово, како и Австралија и Нов Зеланд.