Аутсајдерот „ППД Загреб“ го совлада „Фленсбург“ во Германија

Ракометарите на „ППД Загреб“ приредија вистинска сензација на почетокот на второто коло од Лигата на шампионите со победата над германскиот првак „Фленсбург“ и тоа на гостински терен со 29:31.

Резултатот на Хрватите е уште позначаен ако се знае дека некогашниот европски шампион никогаш во историјата не освоил ниту бод на гостувањата кај „Фленсбург“.

Екипата предводена од Лино Червар беше подобра во текот на целиот натпревар, а домаќините само на почетокот водеа со 1:0 и 2:1, а изедначија на крајот на првиот дел на 16:16.  Ракометарите на „Загреб“ продолќија во ист ритам и се вратија со водство од 18:16 кое не го испуштија до крајот на натпреварот.

Кај Хрватите најдобри беа Давид Мандиќ кој постигна осум гола од девет обиди и Иван Сршен со седум погодоци од осум обиди. Најефикасни кај  „Фленсбург“ беа Норвежанецот Магнус Руд со 6 и Данецот Расмус Лаге со пет голови.