Не се наѕира договор меѓу демократите и републиканците за буџетот

Преговорите меѓу демократите и републиканците во четвртокот не успеаја да ја прекинат блокадата на федералната влада на САД, па делумната парализа на сојузната администрација поради којашто стотици илјади државни службеници не работата, ќе продолжи најмалку до следната седмица.

Во центарот на шестдневната блокада е ѕидот кој претседателот Доналд Трамп сака да го подигне на границата со Мексико во износ од пет милијарди долари за да го запре влегувањето на илегалните имигранти во САД. Демократите, пак, не сакаат да го финансираат градењето на ѕидот, но предлагаат солуција со повеќе од милијарда долари за други безбедносни мерки на границата. Се’ додека двете страни не постигна договор, се запира финансирањето на 25 отсто од министерствата и сојузната админситрација. Но, се чини, дека никој не сака да попушти.

Имајќи предвид дека не е постигнат договор, американскиот Сенат во четвртокот во речеси празната сала едногласно одлучи да ја одложи седницата до понеделник во 10 часот, 17 по македонско време, и расправата за законот за буџетот да ја продолжи во среда на 2-ри јануари во 16 часот.

Републиканците имаат мнозинство во Конгресот, но во Сенатот каде имаат 51 место им е потребна поддршката од демократи за да стасаат до 60-те гласови потребни за носење на буџетот. Но позициите на демократите јакнат, бидејќи веќе на 3-ти јануари ја преземаат контролата во Претставничкиот дом, а републиканциите имаа зајакнато мнозинство во Сенатот од 53 мандати. Излегувањето од кризата може да биде во префинетите јазични разлики или во договор за помал износ.

Владата ќе биде парализирана се’ додека „не го добиеме ѕидот, оградата, или како кој сака тоа да го нарече“, рече Трамп на 25-ти декември, Ова е третата блокада на американската влада (Government Shutdown – шатдаун) оваа година, по оној во јануари кој траеше три дена и во февруари кој потрае само неколку часа. Претходниот од октомври 2013 година се развлече во 16 дена, а досега најдолгата блокада беше онаа од 1995/1996 година која траеше дури 21 ден.

Иако овој прекин на работата на администрацијата е само делумен, последиците од него веќе се чувствуваат. Од петокот во полноќ дел од вработените во големите министерства, како што е за внатрешна безбедност кое е надлежно и за безбедноста на границите, сојузната полиција односно Федералното биро за истраги (FBI), за сообраќај, за финансии и за внатрешни работи престануваат да работата или работат без плати. Судовите, пак, се отворени за судења, но лоша вест за вљубените во Вашингтон е што се запираат сите цивилни венчавки.