По дводневната расправа, вкупно 12 часа и обраќањето на 38 пратеници и двајцата известувачи, Комисијата за надворешни работи и одбрана при грчкиот Парламент го усвои нацрт законот со кој се ратификува и стапува во сила Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што произлегува од дискусијата и изнесените ставови на членовите на Комисијата, нацрт законот од Министерството за надворешни работи на Грција „Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите, прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“ со мнозинство е усвоен и во секој член и во целост, рече претседателот на Комисијата, пратеникот од СИРИЗА Костас Дузинас.
Денешната расправа траеше континуирани шест и пол часа, а пратениците, во зависност од тоа која е нивната матична партија, зазедоа став, позитивен или негативен, за договорот од Преспа.
Комисијата за национална одбрана и надворешни работи, како што веќе објави МИА ја сочинуваат 56 членови, од кои 27 од СИРИЗА, 14 од Нова демократија, четири од Демократска алијанса (Демократска левица- ПАСОК), три од Златна зора, исто толку од Комунистичка партија на Грција, а по еден претставник имаат Независни Грци, Река и Сојуз на централисти, додека пак учествуваат и двајца независни пратеници.
Во усвоениот нацрт законот, првиот член е потпишаниот договор во целост, вториот член се однесува на подигањето на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. Третиот член објаснува дека законот стапува во сила по објавувањето во Службен весник, а договорот по ратификацијата согласно членот 20.
Нацрт законот со датум 18 јануари 2019 е потпишан од грчкиот премиер Алексис Ципрас и министрите од неговата влада.
Утре, во 10 часот наутро по локално време започнува пленарната седница, а гласањето ќе биде во четврток вечер.