СДСМ најверојатно нема да го прифати предизвикот на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски за изборно соочување на предвремени парламентарни избори напролет.
Одлуката официјално не е донесена, но неофицијални информации од партискиот штаб на „Бихаќка“ говорат дека најверојатно одлуката ќе биде дека не треба да се оди на избори. Ваков став изнело мнозинството од раководството на партијата на седницата на Централниот одбор одржана минатиот петок.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов вели дека одлуката за одржување на предвремени парламентарни избори се очекува да ја донесе Извршниот одбор од крајот на оваа недела.
„Имаме силни аргументи и за одење на предвремени парламентарни избори и аргументи кои што ни кажуваат дека можеби предвремени па избори би можел да го закочат интегративниот процес на земјава во ЕУ и НАТО. Но, имајќи предвид дека ова барање доаѓа од претседателот на најголемата опозициска партија вреди за една сериозна дебата внатре во партијата пред да се донесе конечна одлука. Секако ставовите и аргументите на нашите пријатели и партнери од меѓународната заедница ќе имаат силно влијание при донесувањето на одлуката“, вели Костадинов.
Костадинов вели дека за тоа дали ќе се оди на предвремени се консултираат и со владиниот коалиционен партнер, ДУИ.
Од ВМРО ДПМНЕ и денеска ги прозваа СДСМ да излезе на предвремени избори. Во реакција на изјавата на Костадинов во врска со интерпелацијата на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, велат ако власта е убедена во поддршката од граѓаните треба да излезе на избори.
„Истиот ќе биде министер за надворешни работи и тогаш ќе го добие одговорот од граѓаните дали тие се согласуваат со дораспродавање на она што останало. Нека излезе СДСМ предвремени парламентарни избори со Никола Димитров и нека бара поддршка за промената на името која ја направија. Граѓаните не ги поддржуваат недржавните политики на Димитров и СДСМ, а тоа СДСМ ќе го види на предвремените парламентарни избори, доколку има храброст да ги распише“, се вели во реакција од ВМРО ДПМНЕ.
ВМРО ДПМНЕ пред два дена до Собранието поднесе Иницијатива за распуштање на Собранието и формирање на техничка Влада.