Вкупно 11 нови градинки ќе се градат годинава во различни делови од Македонија со поддршка од Министерството за труд и социјална политика.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во понеделникот ги потпиша договорте со градоначалниците на општините кои партнерски ќе учествуваат во изградбата на објектите. На списокот за изградба на нови градинки се општините Ѓорче Петров, Куманово, Кавадарци, Брвеница, Босилово, Врапчиште, Шуто Оризари, Демир Капија, Штип, и Гази Баба (две градинки).
Со изградбата на градинките капациетот се проширува за вкупно 860 деца, а ќе се отворат и најмалку 100 нови вработувања. За оваа намена од буџетот на МТСП се обезбедени 85,3 милиони денари без ДДВ.
Министерката Царовска ги повика општините да конкурираат со квалитетни проекти за изградба на нови градинки, затоа што освен во Буџетот на министерството за истата намена на располагање се и уште 15 милиони евра од Светска банка.
„Капиталните инвестиции во детската заштита се и остануваат приоритет на Владата. Раниот детски развој е многу важен за понатамошниот развој на човекот, затоа посветено работиме на јакнење на капацитетите и стручноста на детските градинки низ цела држава и во руралните и во најодалечените места низ Македонија. Годинава буџетот на МТСП за капитални инвестиции во детската заштита е зголеме за 300 отсто, дополнително на располагање имаме пари и од Светска банка “, изјави министерката Царовска на средбата со градоначалниците.
Изминатата година Министерството за труд и социјална политика опфатот на децата во предучилишно образование го зголемен за 1.959 деца. Од нив 1.209 се државните градинки, додека останатите 750 во приватните објекти. Исто така за година и половина МТСП учествуваше во изградбата на вкупно 24 градинки, од кои поголемиот дел се веќе ставени во функција. Истовремено МТСП обезбеди над 1.000 согласности за вработувања на кадар во градинките од кои поголемиот дел е на неопределено време.