Грчката полиција во саботата одговорила со солзавец, бидејќи имигрантите кои се обидуваат да се пробијат до границата со Македонија врз полициските службеници фрлале камења и шишиња откако им било оневозможено да дојдат до граничниот премин, изјавуваат сведоци за медиумите.
Поради, како што се тврди, лежните вести дека е отворена границата кои се прошириле на социјалните мрежи, стотици имигранти и бегалци пристигнаа во четвртокот и подигнаа шатори во близина на бегалскиот камп Дијавата во близина на границата меѓу Грција и Македонија.
Во саботата на овој простор има десетици шатори, а интервентната полиција постави кордон за да го блокира пристапниот пат, и паркираше 20 автобуси за запирање на имигрантите да ја напуштат ливадата. Грчките власти испратија и автобуси за да ги вратат мигрантите во нивните центри за прифаќање. Околу пладнето полицијата истрелала солзавец врз неколку десетици лица, од кои некои носеле деца во рацете, а кои врз полицајците фрлале камења и шишиња обидувајќи се да го пробијат полицискиот кордон и да дојдат до главниот пат кој води кон границата.
„Не сакаме судир со грчката полиција. Сакаме во Европа, не сакаме да останеме во Грција“, рекол за агенцијата Reuters 36-годишниот Јасер, бегалец од Сирија.
Судирот меѓу имигрантите и полицијата траел неколку часа. Повеќето имигранти одбиле да го напуштат местото и покрај повиците на грчката влада да се вратат во нивните прифатни центри и предупредувањето дека не можат да тргната на пат натаму. Неколку од имигрантите властите успеале да ги убедат да влезат во автобусите, а за другите се надеваат дека до недела ќе ги вратат во центрите за прифаќање.