Ноќниот живот во Хелсинки ќе го контролира специјален „пилот“

Ноќен градоначалник, или „ноќен пилот“ како што во медиумите е наречена оваа должност, наскоро ќе биде ангажиран за развивање и одвивање на животот во Хелсинки во текот на ноќта, а неговиот мандат ќе трае до крајот на 2021 година, пишува сајтот EuroPulse.

Градскиот совет на Хелсинки спровел истражување кое требало да покаже што очекуваат граѓаните од ноќниот живот во финската престолнина, при што се покажало дека најмногу сакаат флексибилни и индивидуални пристапи кон активностите во текот на ноќта. На пример, во градот има спортски сали кои се отворени постојано, но многу граѓани сакале во текот на ноќта и да се рекреираат со пливање, а базените во Хелсинки навечер се затворени.

Покрај тоа, била истакната потреба и за секојдневниот социјален и културен ноќен живот, како што се отворени ноќни клубови и одржување фестивали. Истовремено, испитаниците во студијата сметале дека ноќниот забавен живот треба да биде концентриран на едно место, така што останатите граѓани ќе може во тишина да ја минуваат вечерната почивка.

Првиот ткн ноќен градоначалник се појави во Амстердам во 2012 година. Оттогаш специјалната должноста за развој и уредување на ноќниот живот ја воведоа и градските совети на Лондон, Париз, како и Сиднеј, Сан Франциско и многу други светски метрополи. Минатата 2018 година во германскиот град Манхајм беа одржани првите непосредни избори за ноќен градоначалник, а годинава таква функција беше воведена и во чешката престолнина Прага.