Претседателот на Мексико се сели во стан во својот кабинет

Претседателот на Мексико Андрес Мануел Лопес Обрадор, кој одби да живее во луксузната официјална резиденција, изјави денеска дека планира да се пресели во некористен стан во својот кабинет.
Обрадор ја претвори старата претседателска резиденција во уметнички центар и моментално живее во својата куќа во јужниот дел на Мексико Сити.

Неговиот кабинет се наоѓа во центарот на Мексико Сити, во Националната палата, стара со векови. Тој вели дека често се случува да патува долго до дома поради сообраќајниот метеж во тој дел од градот со девет милиони жители.
Лопес Обрадор, кој секое утро во 7 часот има прес-конференција, понекогаш преспива во кабинетот. Членовите на неговото семејство сега нема да се преселат со него, туку кога најмладиот син ќе ја заврши учебната година.
Претседателот на Мексико рече дека ништо нема да смени во Националната палата, која е историски споменик со познати мурали. Вети дека туристите и натаму ќе имаат пристап во таа зграда и дека ќе останат и мачките кои во голем број живеат во дворот.