Најстарата туриристичка агенција во светот „Thomas Cook“ во понеделникот пропадна оставајќи стотици илјади патници ширум светот незгрижени, што ќе ја предизвика најголемата мирнодопска операција на враќање луѓе во британската историја.
Ликвидацијата на компанијата, којашто вработува 22.000 луѓе, го означува крајот на една од најстарите британски компании. „Thomas Cook“ започнала со дејноста во 1841 година со организирање локални излети. Преживеала две светски војни, беше зачетник на туристичките пакет-аранжмани и на масовниот туризам.
Компанијата управуваше со хотели, одморалишата и авиони кои опслужуваа 19 милиони луѓе годишно во 16 земји во светот. Во моментов има 600.000 туристи, главно од Британија, Германија и Скандинавија ширум светот. Тоа ја принуди британската влада и осигурителните друштва да ја координираат операцијата за згрижување на клиентите на компанијата од големи размери.
Претседателот на управата на компанијата, Питер Фанкхаузер, со длабоко жалење објави дека компанијата престанала да работи откако не успеала да постигне договор со доверителите во мачните преговори во текот на изминатиот викенд.
„Би сакал да им упатам извинување на милионите наши клиенти и илјадниците вработени, добавувачи и партнери, кои нѐ поддржуваа со години. Длабоко жалиме што не бевме успешни“, се вели во соопштението на Фанкхаузер, објавено во понеделникот рано утрото.
Британската управа за цивилна авијацијата (CAA), објави дека „Thomas Cook“ престанал да работи и дека властите имаат во подготовка авиони со кои ќе започнат да ги враќаат во Британија повеќе од 150.000 британски туристи во текот на следните две седмици.
На социјалните мрежи се појавија фотографии од напуштените авиони на „Thomas Cook“ кои се тргнати од нивните позиции на аеродромите, како и од вработените кои ги напуштаат. Сите летови се откажани, а патниците се упатени да не доаѓаат на аеродромите, туку да побараат информации за организација на враќањата на интернет страницата на компанијата.
Британските власти ги контактираат и хотелите во кои се сместени гостите на „ Thomas Cook“, за да ги известат дека трошоците ќе ги преземе британската влада преку осигурителните друштва. Ова се случи откако во Тунис во хотел се задржани гостите, додека не биде решен проблемот со плаќањето за нивното сместување.
Колапсот на туристичкиот гигант може да предизвика сцени на хаос ширум светот, пишува британската агенција Ројтерс, забележувајќи дека туристите сега во хотелите се во неплатени соби и во далечни дестинации како Гоа, Гамбија или Грција.
„Thomas Cook“ се урна под товарот на долговите од 1,7 милијарди фунти, конкуренцијата на он-лајн туристичките услуги, изменетиот туристички пазар на кој не се прилагоди и геополитичките настани. Минатогодишниот топлотен бран во Еропа, на пример, создаде загуби поради откажувањата на патниците од резервациите.
Компанијата во август годинава постигна договор со кинескиот акционер „Fosun Tourism“ и групата банки и сопственици на обврзници за финсиска инјекција од 900 милиони фунти. За возврат, кинеската компанија требаше да стане сопственик на најмалку 75 отсто од уделите во турустичките активности на „Thomas Cook“ и на 25 отсто од уделите во воздухопловниот сектор на компанијата. Другите удели требаше да им припаднат на кредиторите и сопствениците на обврзниците. Компанијата во последниот момент се соочи со новите барања да пронајде дополнителни 200 милиони фунти, за да постигне договор со заемодавците за докапитализацијата која требаше да ` помогне да ги намали долговите и да го преброди зимскиот период на слабата побарувачка на патувањата.