ГДУ повикува на итна акција против загадувањето на воздухот

„Како што ќе заладува времето, така и загадувањето ќе се зголемува.
Апелираме на итна акција, оправдувањата не поминуваат. Министерот за животна средина да не се крие, а инспекторите веднаш да излезат на терен“, рече денеска на прес конференција Дарко Попоски, портпарол на Граѓанско-демократската унија (ГДУ).

– Повторно сме на врвот на светските листи по загадувањето на воздухот.
Ниту зимава нема да дишеме, туку ќе се гушиме. Девет луѓе умираат секој ден
поради загадениот воздух во земјава. Ситуацијата е аларманта a од
владата, како и секоја година, така и оваа, ни велат проблемот не се решава
набрзина – вели Попоски.

Тој потсети дека СДСМ пред да дојде на власт во предизборието ветувал дека ќе го намали аерозагадувањето во Скопје за 50% и во другите места од 30 до 50 % до 2020 година.

– Но, резултати нема. Ја прашуваме власта што сменија електричните тротинети и инвертери? Што се случи со одредбата секој инвеститор што ќе сака да гради, да мора
барем 20% од своето земјиште да одвои за зелена површина покрај зградата, ако сака да добие градежна дозвола? Законот не се почитува, а во исто време се носат други закони во корист на градежните моќници. Нема казни за исчезнатите паркови и зеленила, јавното добро и натаму се узурпира. За зеленилото се грижат само во
партиските говори и пред избори – додаде Попоски.

Според него, поразителен е податокот дека во земјите членки на ЕУ инспекцискиот
надзор трае 6 дена, а кај нас на инспекторите им требаат од 30 до 60 минути да утврдат дали еден објект загадува или не.

– Ете тоа е реалноста, како и претходната така и оваа власт повеќе троши за свои ќефови, отколку за животната средина и заштитата на здравјето на граѓаните. Ништо не е сменето, ниту имаме почист воздух, ниту приоритетите на сегашните и претходните се различни – додаде Попоски од ГДУ.