Претседателот Стево Пендаровски смета дека датумот за предвремени парламентарни избори не треба да се поврзува со ратификацијата на договорот за членство на Македонија во НАТО, бидејќи, како што истакна Собранието има можност да работи се додека не се верификуваат мандатите на новите пратеници.
Кога ќе завршат сите ратификации кај сите земји членки и ние тој договор ќе треба да го ратификуваме во македонскиот Парламент. Во однос на тоа не треба да има никаква дилема. Парлементот постои и е активен се додека не се избере следниот парламент. Ако затреба кај нас да се ратификува тоа нема никаков проблем и притоа би апелирал да не се занимаваме со технички и правни задолженија. Ако треба, кога имате правно кажано техничка влада, мора и да има и технички парламент и не може да постои само техничка влада, а парламентот воопшто да не егзистира. Ако дојдеме до ситуација ќе се ратификува договорот без разлика кој месец да биде, воопшто да не се доведува датумот на изборите со то, рече Пендаровски.
Изјавата на шефот на државата доаѓа откако премиерот Зоран Заев со двосмислена изјава минатата седмица предизвика дилеми во јавноста за одложување на договорениот датум 12-ти април за предвремените парламентарни избори. Заев рече дека земјава не смее да си дозволи да биде со распуштен парламентот доколку ратификацијата на протоколот за членство на Македонија треба да се случи откако ќе се распишат изборите.
„Треба да се држиме до одлуките, барем до оние кои како политичките чинители ги донесовме со консензус и 12 април треба да го задржиме. Секако, секој пат одговорноста на државата е пред се и над се. Оставаме можност да се случат било какви промени, пред сѐ заради НАТО ратификацијата“, изјави Заев.
За ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата важни се договорените датуми, 3-ти јануари за формирање техничка влада и 12-ти април 2020 за предвремените парламентарни избори, рече лидерот на опозициската, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во саботата во Куманово.
Потоа и откако претходно ја отвори дилемата дали распишаните предвремени парламентарни избори ќе влијаат на влезот во НАТО, премиеорт Заев во саботата рече дека шпанскиот парламент има доволно време да го потврди НАТО протоколот, така што пред распуштање на Собранието, ратификацијата би се случила и во Македонија.