Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Полска, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Народна Република Кина и Република Албанија.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Полска во Македонија, Н.Е. Јацек Стефан Мултановски, беше изразено задоволство од политичкиот дијалог и севкупните односи меѓу двете земји, како и очекување за натамошно јакнење на соработката во сферата на економијата.
На предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Н.Е. Чарлс Едмонд Гарет, претседателот Иванов изрази очекуање за натамошно интензивирање на соработката и поддршка на патот кон ЕУ и НАТО.
Новоименуваниот британски амбасадор ја потврди поддршката од Обединетото Кралство за македонските аспирации за приклучување кон ЕУ и НАТО. „Би сакал да ја видам Република Македонија во рамки на евро-атлантското семејство на народи. Посветеноста на Република Македонија и придонесот кон одржувањето на меѓународната безбедност и градење на мирот е добро позната. Ја користам оваа прилика да ја искажам почитта кон придонесот на Македонија во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ООН и вашата амбиција да продолжите со тој придонес“, истакна во обраќањето амбасадорот Гарет.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина, Н.Е. г. Вен Џеншун, двајцата соговорници изразија подготвеноста за активна и блиска соработка и натамошно унапредување на пријателските односи.
На средбата со новиот амбасадор на Република Албанија, Н.Е Петрит Бушати, двајцата соговорници го потврдија интересот за натамошно развивање на добрососедството, билатералната соработка и остварување на заедничката стратешка определба – членството во ЕУ.