Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Полска, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Народна Република Кина и Република Албанија.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Полска во Република Македонија, Н.Е. г. Јацек Стефан Мултановски, беше изразено задоволство од политичкиот дијалог и севкупните односи меѓу двете земји, како и очекување за натамошно јакнење на соработката во сферата на економијата.
Претседателот Иванов во поздравното обраќање се заблагодари за досегашната поддршка од Република Полска на планот на европските и евроатланските интеграциите и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во наредниот, за нас исклучително важен период. „Република Македонија бара еднаков и фер третман од земјите-членки на ЕУ, односно очекуваме позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај“, порача претседателот Иванов.
Новиот амбасадор на Република Полска го реафирмираше интересот за развој на економската соработка и изрази уверување дека негова главна цел ќе биде интензивирање на односите во сите области. „Мојата земја активно ја застапува политиката на проширување. Република Македонија може да смета на полската поддршка во ЕУ и евроатланскиот интеграцискиот процес“, порача амбасадорот Мултановски.
На предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Н.Е. г. Чарлс Едмонд Гарет, претседателот Иванов изрази очекуање за натамошно интензивирање на соработката и поддршка на патот кон ЕУ и НАТО.
„Република Македонија е решителна и одлучна во исполнувањето на поставените стратешки цели, членството во НАТО и во Европската унија. Република Македонија ги исполни сите критериуми за членство во Алијансата и е подготвена веднаш, неодложно да ја започне следната фаза во интеграцијата во ЕУ. Република Македонија бара еднаков и фер третман од земјите-членки на ЕУ, односно очекуваме позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај. Република Македонија истовремено бара почитување на меѓународното право и на меѓународните обврски. Членството на Република Македонија во НАТО не е придобивка само за нас, туку и за Алијансата и за нашиот регион. Искрено очекувам и се надевам дека Обединетото Кралство ќе ги има предвид нашите аргументи, нашите постигнувања, и дека поддршката во реализацијата на нашите цели ќе продолжи и во наредниот исклучително значаен период”, порача македонскиот претседател во поздравното обраќање.
Новоименуваниот британски амбасадор ја потврди поддршката од Обединетото Кралство за македонските аспирации за приклучување кон ЕУ и НАТО. „Би сакал да ја видам Република Македонија во рамки на евро-атлантското семејство на народи. Посветеноста на Република Македонија и придонесот кон одржувањето на меѓународната безбедност и градење на мирот е добро позната. Ја користам оваа прилика да ја искажам почитта кон придонесот на Македонија во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ООН и вашата амбиција да продолжите со тој придонес“, истакна во обраќањето амбасадорот Гарет.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина, Н.Е. г. Вен Џеншун, двајцата соговорници изразија подготвеноста за активна и блиска соработка и натамошно унапредување на пријателските односи.
„Со заемен ангажман постигнавме многу, и сметам дека можеме да бидеме задоволни од нивото на пријателски односи и од степенот на развој на соработката кои ги постигнавме. Затоа со задоволство можам да ја повторам констатацијата од неодамнешна средба со мојот колега Неговата Екселенција г-дин Си Џинпинг – дека денес односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина се на историски највисоко ниво“, истакна претседателот Иванов посочувајќи ја досегашната успешна соработка во економијата, инвестициите, инфраструктурата, образованието.
Во своето обраќање новиот кинески амбасадор го поздрави постигнатиот напредок во Република Македонија и позитивната улога во промовирање на регионалната стабилност и соработка. „Кина придава значење на унапредување на односите со Македонија. Подготвени сме заеднички да ги зацврстиме политичките односи, да ги искористиме сите можности за соработка меѓу Кина и земјите од централна и источна Европа, и да ја прошириме соработката во сите сфери од заеднички интерес со цел унапредување на нашите пријателски односи“, порача амбасадорот Џеншун.
На средбата со новиот амбасадор на Република Албанија, Н.Е Петрит Бушати, двајцата соговорници го потврдија интересот за натамошно развивање на добрососедството, билатералната соработка и остварување на заедничката стратешка определба – членството во ЕУ.
„Добрососедските односи и соработка се еден од приоритетите на Република Македонија, и целосно сме подготвени за блиска соработка и реализирање на заеднички проекти насочени кон севкупно подобрување на односите и поврзаноста на нашите општества. Подеднакво важно е и да креираме амбиент и услови, во кои бизнис заедниците од двете земји ќе можат поуспешно да соработуваат“, порача претседателот Иванов.
„Албанија е подготвена да го подржи членството на Република Македонија во НАТО, верувајќи дека тоа ќе придонесе за зголемување на стабилноста и мирот во регионот“, истакна амбасадорот Бушати во обраќањето по повод предавањето на акредитивните писма.
Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.