Мапа на која Косово е дел од Србија во учебниците во Албанија, ја налути Приштина

Од Приштина повторно доаѓаат силни реакции, откако поранешниот албански премиер, Сали Бериша, објави дека Косово е во границите на Србија и на мапите во учебниците во Албанија за осмо одделение.

Откако албанскиот премиер Еди Рама објави видео во кое, меѓу другите работи, можеше да се забележи мапа на која косовската територија е во границите на Србија, Бериша на својот Фејсбук-профил објави фотографија од книгата „Државјанство“ наменета за учениците за осмо одделение, во која исто така може да се забележи мапа на која Косово е во границите на Србија.

Инаку, Бериша мапата која ја објави Рама ја нарече „национално предавство“.

Видеото со спорната мапа стоеше на Фејсбук-профилот на Рама повеќе од пет часа, а по силните критики од Приштина, видеото е преуредено, пренесе приштинската Газета експрес.