Оџа предложен за амбасадор во Кина, а четворица на листата со двојно државјанство

Оџа за амбасадор на Македонија во Кина, пренесува ТВ Телма. Имамот Џемаил Чупи, поранешен кандидат за градоначелник на Дебар од редовите на БЕСА на листата на амбасадори кои владата ја усвои на 12 декември на предлог на МНР. Освен што е оџа во биографијата на Чупи е наведено дека студирал на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, дека е доктор по политички науки и оти предава на Универзитетот за бизнис и технологија во Приштина.

Сепак и покрај професионалното доусовршување на Јутјуб  можат да се најдат снимки од 2014 на кои се гледа како Чупи држи проповеди во Германија. Тој инаку бил дел од медреста Иса Беј во Кондово.

Името на Чупи за амбасадор дошло на предлог на Алтернатива на Африм Гаши од каде за Телма изјавиле дека Чупи е избран зошто е специјализиран во областа на дипломатијата со научно звање магистар на дипломатија, но и оти тековно работел на истражување во областа на меѓународните односи.

Инаку актуелниот закон за МНР овозможува именување на амбасадори од редот на истакнати личности од областа на надворешната политика, меѓународните односи, меѓународното право, науката и културата.

Дискутабилно во именувањето на Чупи е тежината на неговиот професионален бек-граунд за да може да биде избран за амбасадор, ако до пред само пет години бил имам.

Инаку Чупи не е единствениот спорен на новата листа од 19 амбасадори.

Во номинираните имало и со двојно државјанство, што не е дозволено според Законот за надворешни работи. Неофицијлано, со хрватско државјанство се двајца, едно од имињата е со црногорско, а извесно е и дека двојно државјанство има уште најмалку еден на списокот.

Шефот на државата Стево Пендаровски вчера најави дека нема да потпише упатување за нов амбасадор доколку тој имаат двојно државјанство, бидејќи не сака да го прекрши законот. Пендаровски побарал од службите сите предлози за амбасадори и формално да се проверат.

Освен двојното државјанство на списокот на амбасадори, како што дознава Телма има и име за кое во моментов се води судки процес.

Телма побара информација од МНР и од Влада околу проверката на кандидатите дали ги исполнувата законските одреби да бидат амбасадори од каде добивме идентичен одговор.

„Што се однесува до исполнетоста на условите за именување амбасадор се докажуваат со соодветни документи кои кандидатот ги приложува. Имено, кандидатот доставува изјава заверена на нотар дека не е државјанин на друга држава, како и потврда за неосудуваност. Министерството не врши друг тип на проверки на овие факти“, се наведува во одговорот од двете институции.

Неофицијално, Мишо Докмановиќ, кој поседувал и хрватски пасош, се очекува да ја претставува земјава во Израел, ист пасош имал и Емил Кирјас, новиот предлог раководител на Мисијата во Њујорк, столчето во Стразбур би било пополнето од Светлана Гелева, која воедно била државјанин и на Црна Гора, а двојно државјанство имал и Агрон Буџаку, кој ќе ја предводи амбасадата во Канада.

Од МНР притоа наведуваат дека во рамки на своите законските обврски тие децидно стојат на ставот дека нема да биде испратен за амбасадор ниту еден кандидат кој нема да ги исполни формално-правните услови предвидени за амбасадор.

Од Кабинетот на претседателот на државата пак не добивме одговор дали од негова страна е завршена проверката на 19-те имиња за амбасадори кои Владата ги усвои на 12 декември и му ги достави и дали доколку се утврди неправилности имињата ќе и бидат вратени како предлози на владата.