Амбасадорите кои се политички решенија, со промена на власта да им престане мандатот, се предлага со новиот Предлог-закон за надворешни работи. Со новиот Закон исто така се предвидува 75 отсто од амбасадорите да бидат дипломати од кариера односно дипломати вработени во Министерството за надворешни работи.
Димитров изрази задоволство од сегашните решенија, напоменувајќи дека тие решенија се успешна комбинација меѓу принципите и уметноста на можното.
– За мене како министер за надворешни работи посебно е важно во групата да има што е можно повеќе кариерни решенија, луѓе кои работеле во МНР, повеќето од нив се со 20 години дипломатски стаж. Јас како министер за надворешни работи се залагам за кариерни решенија, но морам да истакнам дека и политичките фактори во владината коалиција имаа кредит да овозможат толку висок процент на кариерни, истакна Димитров.
Од јуни 2017 година, до денес, 87,5 осто од дипломатите се кариерни, за разлика од периодот од 2006 до 2017 година кога тој процент изнесуваше 33.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во изјава за медиумите потенцира дека во изминативе две и пол години македонската дипломатија направила голем скок кон професионализацијата, во однос на оние што биле испратени како амбасадори и сегашните кандидати во последниот бран пополнувањата на амбасадорските позиции, за кои се уште не е завршена процедурата.
Во периодот од 2006 до 2017 година, само 11,5 отсто од амбасадорите биле жени, а од јуни 2017 до денес тој процент изнесува 27,5 отсто. Од амбасадорите кои претходно биле испратени, последниот бран во 2014 сите вкупно имаат стаж од 28 години, значи во просек по три години дипломатски стаж, додека од оние кои се испратени од јуни 2017 до денес, со последниот бран во 2019 вкупниот дипломатски стаж е 214 години, односно во просек по 21 година дипломатски стаж.
Новиот закон за надворешни работи предвидува 80 отсто од амбасадорите во иднина да бидат дипломати од кариера, а само 20 отсто да бидат политички. Во скандинавските земји на пример нема политички решенија, а така е и во некои земји од Европската Унија.
Владата на седницата која се одржа на 12 декември ја утврди листата со 19 предлози за назначување амбасадори на следните дестинации Атина, Белград, Загреб, Тирана, Брисел, Хаг, Москва, НАТО, Совет на Европа (Стразбур), ОН (Женева), Доха, Прага, Њу Делхи, Рим, Тел Авив, Копенхаген, Ватикан, Приштина и Пекинг. Листата е доставена до претседателот на државата Стево Пендаровски, кој треба да потпише указ, а потоа министерот за потпише решенија, по што следува процедурата со агреманите.
Сепак за некои од предлозите имаше забелешки дека во некои случаи има двојно државјанство, а според високи дипломатски извори, двојното државјанство е легитимна дебата што треба да се отвори во јавноста. Сегашниот закон забранува двојно државјанство на амбасадори, но такво нешто не е предвидено на пример за министри, пратеници.
Високи дипломатски извори велат, дека постои предлог, кога станува збор да политички решенија за амбасадори, да постои можност кога има согласност меѓу Владата и претседателот, таквите амбасадори да се повлекуваат.
За некои од кандидатите во новиот бран пополнувања, агреманите се веќе испратени, за оние кои имаат проблеми со двојното државјанство ќе треба да се откажат од истото, доколку сакаат да заминат на амбасадорската позиција, но сепак најбрзо ќе заминат оние што се кандидирани за мултилатерални мисии, бидејќи за нив процедурите се покуси, а приоритет е мисијата во НАТО.
Зголемувањето на професионализацијата на амбасадорите ќе се регулира и со новиот закон за МНР, за кој неодамна се одржа јавна расправа, а со него, како што велат високи дипломатски извори, се прави обид да се воведе ред во Министерството, пред се во начинот на напредување во кариерата на луѓето кои работат таму.
МНР има 426 вработени, од кои 283 се во Министерството, а 143 во ДКП-та, а актуелниот закон во повеќе делови е практично неспроведлив. Тој, нагласуваат високи диломатски извори, предвидува автоматски унапредувања и со предвидената динамика на нови кадри со постечки кадри, сите би станале амбасадори за кусо време.
Со законот се извлекува дипломатскиот персонал од јавните службеници, бидејќи природата на нивната работа има сосема поинаков карактер и не може да биде подведувана на постапките и процедурите кои важат за јавните службеници.
Годината што изминува, Димитров денеска, ја оцени како дипломатски плодна – се заокружува членството во НАТО, а дојдовме и пред вратата на почеток на преговори со ЕУ.
– Имавме одличен извештај во мај, во јуни ни кажаа во октомври ќе има суштинска одлука, во октомври ни кажаа не одлучуваме, ќе одлучиме пред загрепскиот самит во мај во новата година, рече Димитров и додаде дека носењето на законот за јавно обвинителство ќе биде од голема корист на овој пат.
– Многу ќе ни помогне доколку политичките сили кои имаат пратеници во Собранието најдат сили и визија, во интерес на државата и на народот да го донесат законот за ЈО, што ќе ја зајакне нашата кандидатура, рече Димитров и додаде дека е важно да се продолжи и со работа на судските процеси.
Кон крајот на јануари не чека новата методологија на Европската комисија за проширување, а на крајот на февруари или почетокот на март кус извештај за реформите.
– И тука ќе биде насочен нашиот фокус за 2020 година да биде успешна и во однос на подигнувањето на македонското знаме во седиштето на НАТО во Брисел и во однос на почеток за преговорите за ЕУ, рече шефот на дипломатијата.