Зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, очекуваниот почеток на преговорите за членство на земјава и на Албанија во ЕУ и парламентарните избори во нашата држава, заедно со оние во Србија и во Црна Гора, се меѓу седумте настани што, според бриселскиот портал „Јуропеан Вестерн Балканс“ (ЕВБ), ќе ја одбележат 2020 година на Западниот Балкан.
Останатите четири „најзначајни настани за регионот“ во годината, што ЕВБ ги наведува во текстот под наслов „ЕУ и Западниот Балкан во 2020: Година на одлуки“, се и новиот инструмент за проширување на Унијата, хрватското претседавање со блокот и Самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб, новата фаза во дијалогот меѓу Белград и Приштина и претседавањето на Германија со Европската унија во втората половина на годината.
Авторите на анализата оценуваат дека во 2019 година имаше „само неколку позитивни пресвртни настани“ во врска со европската перспектива на Западниот Балкан, потенцирајќи дека и покрај очекувањата Северна Македонија и Албанија не ги почнаа пристапните преговори, Босна и Херцеговина не доби кандидатски статус, на Косово не му беше дадена толку очекуваната визна либерализација, а во исто време стагнираа реформските процеси во Србија и Црна Гора и не продолжи дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
– Сепак, работите се придвижија. Новата Европска комисија предводена од Урсула фон дер Лејен ја презеде функцијата по изборите за Европскиот парламент во 2019 година, на кои не се остварија стравувањата од зајакнување на екстремната десница. Наскоро се очекува Северна Македонија да се приклучи на НАТО, а контроверзната одлука да не бидат започнати пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија ја поттикна толку неопходната дискусија за иднината на процесот на проширување, оценува ЕВБ.
Порталот наведува дека еден од најважните настани во 2020 година за Западниот Балкан ќе биде приемот на Северна Македонија во НАТО, потсетувајќи дека земјава доби покана за приклучување кон Алијансата по постигнувањето на Преспанскиот договор.
– Протоколот за прием на Северна Македонија во НАТО беше потпишан во февруари 2019 година, по што почна процесот на негова ратификација во националните парламенти на земјите членки. Северна Македонија речиси сигурно ќе стана 30-та членка на НАТО на почетокот на 2020 година, откако во текот на 2019 пристапниот протокол го ратификуваа 28 од 29 земји членки (на Алијансата) и остана уште само Шпанија. Бидејќи одлагањето на ратификацијата во Шпанија е последица на политичката криза во земјата, а не на некакви забелешки на членството на Северна Македонија, приемот на државата во НАТО се очекува наскоро, се истакнува во анализата.
Втор значаен настан за Западниот Балкан кој е поврзан со земјава, според ЕВБ, е почетокот на преговорите за членство во ЕУ.
– И покрај неотпочнувањето на пристапните преговори во октомври и почетокот на дебатата за реформите на процесот на проширување, Северна Македонија и Албанија сепак очекуваат промена на ваквата одлука во текот на првата половина на 2020 година, наведува порталот.
ЕВН истакнува дека откако во октомври минатата година беше решено двете земји да не ги започнат преговорите за членство, многу официјални претставници на ЕУ доста остро ја осудија оваа одлука и ја оценија како „историска грешка“, додека Европскиот парламент дури донесе и резолуција за поддршка на преговорите.
– Иако перспективите за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, најверојатно, зависат од тоа дали ќе биде постигнат консензус за реформа на процесот на проширување, се чини дека тоа, со или без значајни промени, сепак ќе се случи во 2020 година. Се друго би имало катастрофални последици по кредибилитетот на процесот на проширување, заклучува „Јуропеан Вестерн Балканс“.
Како значаен настан за Западен Балкан во 2020 година, порталот ги посочува и изборите во земјава, но и тие во Србија и во Црна Гора, а за кои оценува дека „можат да ги решат политичките кризи или да доведат до нивно продлабочување, што несомнено ќе има влијание врз целиот регион“.
Порталот посочува дека предвремените парламентарни избори во Северна Македонија, беа договорени откако Европскиот совет не донесе одлука за почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
– Имајќи предвид дека Владата на (премиерот Зоран Заев) го смени името на Македонија, пред се, заради членството во ЕУ и покрај силното противење на опозицијата, француското „не“ и евентуалното не добивање одлука за почеток на пристапните разговори пред изборите, може да доведе до промена на власта и да има непредвидени последици, заклучува ЕВБ.