Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган ужива најголема благонаклонетост од граѓаните на Северна Македонија. Германската канцеларка Ангела Меркел е втора, а трет е претседателот на Русија Владимир Путин.
Анкетата што ја спроведе истражувачката агенција БРИМА, членка на Gallup International, со 1.210 испитаници, лице в лице, во домот на испитаникот, покажува дека 60 проценти од испитаниците во земјава се изјасниле дека имаат благонаклоно или донекаде благонаклоно мислење за турскиот претседател Ердоган, кој е на врвот на оваа листа, а веднаш зад него, односно 54 отсто од анкетираните се изјасниле за германската канцеларка Ангела Меркел, која во поголемиот дел од светот е рангирана на првото место.
Од испитаниците во земјава, 47 проценти имаат позитивно мислење за рускиот претседател Путин, 42 отсто за американскиот претседател Доналд Трамп, а на последно место е претседателот на Франција Емануел Макрон за кого 21 процент од испитаниците дале позитивно мислење и 63 отсто се изјасниле дека се неблагонаклонети кон него.
На глобално ниво, истражувањето на Меѓународната асоцијација Галуп – агенција со најдолга традиција во оваа област која е активна од 1947 година, според најновата анкета „Kрајот на годината“, покажува дека луѓе од сите континенти споделуваат заедничка надеж за поактивна Европска Унија.
Германската канцеларка Ангела Меркел веќе втора година по ред води на рејтинг листата на глобалните лидери во светот. Веднаш по неа е францускиот претседател Макрон кој беше прв на оваа листа пред три години кога беше новоизбран претседател. Всушност, овие двајца европски лидери се единствените што позитивно се оценети во ова истражување кое опфаќа 50 земји. Анкетата покажува дека и американскиот и рускиот претседател постигнаа исти негативни перцепции како и минатата година, минус 27, односно, минус 17, а рејтингот на израелскиот премиер Нетанјаху е во опаѓање. Иако не е политички лидер, папата Франциск продолжува да биде најповолно прифатен лидер во светот.
Теренската работа, на глобално ниво е спроведена од октомври до декември 2019 година, а интервјуирани се вкупно 45.676 лица. Во секоја земја, националниот примерок опфаќа околу 1.000 мажи и жени кои биле интервјуирани или лице в лице, преку телефон или онлајн. Севкупната маргина на грешка изнесува 3 до 5 проценти со ниво на доверба од 95 отсто.