Атрактивен, реципрочен систем што обезбедува посебна грижа за семејствата со повеќе деца, за младите, за вработените мајки, за земјоделците, за пензиите на вдовците, како и за лицата со посебни потреби, е според министерот за труд и социјални работи Јанис Вруцис новиот закон со реформи во социјалното осигурување, што се очекува во текот на денот да биде доставен во Парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.
Говорејќи за грчката новинска агенција АНА-МПА, Вруцис вели дека не е предвидено намалување на пензиите, „туку напротив, еден дел од пензионерите ќе добијат покачувања“.
-Најфаворизирани се денешните и идните работници, бидејќи сите ќе видат зголемувања на нивните пензии, доколку имаат над 30 години работен век, вели Вруцис.
Тој објаснува дека станува збор за прв закон за социјално осигурување во историјата што е придружена со експертска студија за пензиите потврдувајќи ја одржливоста на осигурителниот систем до 2070 година. Додава дека е прв закон по 12 години што не содржи никакво намалување на пензиите.
Од синдикатот на вработени во јавниот сектор (АДЕДИ) велат дека новиот закон не е ништо друго, туку „продолжување на меморандумските закони од периодот 2010-2019“ и за утре закажаа 24часовен генерален штрајк.
Во штрајкот ќе учествуваат и вработените во јавниот превоз во Атина, со што грчката престолнина утре ќе биде без автобуси, тролејбуси, трамвај и метро.
Од синдикатот велат дека новиот закон не содржи одредени измени во старосната граница за пензионирање, односно дека се задржува границата од 67 години или 62 со 40 годишен стаж. Меѓу другото бараат враќање на 13та и 14та плата, државна гаранција за сите пензии.
Паралелно, за утре напладне закажаа протест во центарот на Атина.