Трипуновски обвинува дека Димковски дели земјоделско земјиште спротивно на законот

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Трипуновски денеска обвини дека министерот Трајан Димковски сака да подели државно земјоделско земјиште на партиски соработници.

Според Трипуновски, во последниот месец и пол распишани се два огласa и четири јавни повици за распределба на државно земјоделско земјиште со кои се предвидува расцепкување на земјоделските парцели меѓу повеќе лица.

–  Димковски постапува во спротивност со неколку закони кои го регулираат земјоделското земјиште и Правилникот за избор на најповолен понудувач. Имено, со постапките за доделување земјоделско земјиште, Димковски го крши чл.3 ст.6 од Правилникот, според кој е предвидено дека не може да се дели односно цепи една катастарска парцела. Со цел да го покрие криминалот, Димковски врши измена на Правилникот на 22 јануари, последен ден од завршување на постапките. Истовремено, свесен дека не може да го примени ретроактивно Правилникот, по брза постапка на три дена пред распуштање на Собранието, преку група пратеници предлага и измени во Законот, со кој признава дека постапките му се отпочнати спротивно на законските норми и противуставно бара измената на Законот за земјоделското земјиште да важи ретроактивно, изјави Трипуновски.

Го повика министерот и членовите на комисиите за доделување на земјоделското земјиште да го почитуваат законот и да ја преиспитаат законитоста на спроведените постапки особено на четирите јавни повици.