Аталанта и Лајпциг со по две победи во четвртфиналето на Лигата на шампионите

Дебитантите во нокаут фазата од Лигата на шампионите, италијанска Аталанта и германски РБ Лајпциг, се првите две екипи кои го изборија пласманот во четвртфиналето од најелитното континентално натпреварување, елиминирајќи ги во вторникот шпанска Валенсија односно англиски Тотенхем.

РБ Лајпциг пред своите навивачи го совлада Тотенхем со 3:0, и со вкупните 4:0 по првиот меч од Лондон, мина во четвртфиналето. Два погодока за домашните постигна капитенот Марсел Забицер во 10 и 21 минута, а конечниот резултат го постави Емил Форсберг во 87 минута.

Само 21 минута му беа потребни на РБ Лајпциг трикратно да ја зголемат предноста која екипата на „германскиот Мурињо“, Јулијан Нагелсман, ја донесе од Лондон, а за двата погодока најзаслужен е капитенот Забицер. Австрискиот репрезентативец во 10 минита упати прецизен и доволно силен удар од 20-ина метри, кој гостинскиот голман Уго Љорис не успеа да го запре. Само 11 минути подоцна Забицер правровремено втрча на првата статива, каде од седум метри на уфрлување на Анхелињо со глава ја спроведе топката во голот. Германскиот тим постигна уште еден гол, но стрелецот Тимо Вернер беше во офсајд и неговиот погодок беше поништен.

Екипата на Жозе Мурињо во првото полувреме создаде само една изгледна шанса, но ударот на Ло Селсо домашниот голман Ѓулаши со одлична парада го одбрани. Гостите од Лондон не го подобрија впечатокот и во вториот дел, а домаќините го контролираа настаните на теренот, беа подобра екипа и со уште еден гол го потврдија триумфот. Само што влезе во игра во 87 минута шанса имаше Швеѓанецот Емил Форсберг и ја испрати топката крај немоќниот Љорис за конечните 3:0.

 

Валеснсија беше домаќин пред празните трибини на „Местаља“. Гостите по 4:1 од првиот меч на милански „Сан Сиро“, во реваншот славеа со 4:3, а сите четири погодоци за Аталанта ги постигна Јосип Иличич, во 3 и во 43 минута од пенал, како и од игра во 71 и 82 минута, додека за Валенсија двоен стрелец беше Кевин Гамеиро во 21 и 51 минута, а еден гол постигна и Феран Торес во 67 минута.

Сенишно празната „Местаља“ стана уште постудена кога веќе во 3 минута Аталанта дојде во водство во тој момент за вкупни 5:1. Иличич се прошета низ домашната одбрана, со финта го исфрли од игра Диакаби кој во пад му ја собра ногата и направи пенал. Словенечкиот репрезентативец реши самиот да го изведе ударот од белата точка и биеше прецизно по средината на голот.

Во 21 минута домашната екипа малку се израдува, кога Гамеиро ја искористи грешката на одбраната на Аталанта и израмни. Во тој момент на „Лилјаците“ им беа потребни три гола за да изборат продолженија. Меѓутоа, во 43 минута пропадна и тоа сценарио, кога несреќниот француски играч Муктар Диакаби направи уште еден пенал. Овојпат со рака го спречи патот на топката, што романскиот арбитар Хатеган не го виде но го искористи ВАР-от и по прегледување на снимката досуди уште еден пенал. Иличич уште еднаш беше прецизен и го постигна својот трет од шесте погодици во мрежата на Валенсија во овој двомеч.

Во 51 минута мечот влезе во фазата на индивиндуално натпреварување меѓу Гамеиро и Иличич, кога францускиот напаѓач се уфрли меѓу бековите на Аталанта и од пет метри на нафрлување од Торес со глава го постигна својот втор погодок на мечот. Во 67 минута на листата на стрелците се впиша нов играч, кога Иличич ја загуби топката на средината на тереното, а Парехо одлично го исфрли напред Феран Торес кој го искористи истрчувањето на гостинскиот голман Спортиељо и со прецизен лоб за прави пресврт 3:2.

Но надежите на домашните за чудесен пресврт брзо згаснаа, кога отворената игра на Влаенсија гостите од Бергамо ја искористија за реализација на еден од брзите контранапади. Во 71 минута Иличич доби топка на 20 метри од голот се приближи до работ на шеснаесетникот и со прецизен удар израмни на 3:3, за неговиот прв „хет-трик“ во Лигата на шампионите. Словенечкиот фудбалер придонесе и во 82 минута неговата екипа да оствари уште една победа во овој двомеч за конечните 4:3.

Во среда на распоредот се уште два реванш дуела од осминафиналето на Лигата на шампионите. Ливерпул на својот „Енфилд“ брка заостанување од 0:1 против мадридски Атлетико, а ПСЖ пред празните трибини на „Паркот на принцовите“ ќе се обиде да ја анулира предноста од 2:1 на дортмундска Борусија.