Триесетина професионални возачи на камиони од Македонија поради состојбата со коронавирусот останале заглавени на италијанско-словенечката граница, видно револтирани се од македонските институции од каде што нема никаква реакција. Како што откриваат, останатите нивни колеги од другите земји по реакција на нивните матични земји дозволено им е да ја поминат границата и да си одат дома. Од МНР соопштија дека им помагаат на нашите граѓани затечени на границите и дека некои од нив веќе се на пат за Македонија.
-Ние сме професионални возачи од Македонија за кои пишуваат дека сме пристигнати во Македонија. Ние сме 31 камион, моментално сме заглавени на италијанско-словенечката граница. Сите други колеги од другите држави, Срби, Босанци, Романци, сите имаат испратено допис од министерството до Словенците и ги пуштаат камионите да си одат дома. Само македонското или „северно македонското“ министерство ги заборавиле своите 31 возач во Италија и нема кој да пушти допис за и ние да си одиме дома, вели во своето видео обраќање еден од револтираните камионџии.