Раноградинари од Струмичко бараат контролирано отворање на пазарите

Раноградинари од село Банско, Струмичко, бараат Министерството за економија и локалните самоуправи да ги разгледаат можностите за продолжување со работа на пазарите под посебни услови што ги налага моменталната ситуација за да можат да ги продаваат своите производи, рекоа денеска претставници на раноградинарите на прес конференција во село Банско.

-Бараме и вршење надзор над откупните и продажните цени на земјоделските производи, бидејќи разликата меѓу откупната цена што му се исплаќа на земјоделецот и цената по која подоцна се продава истиот се зголемува драстично. Бидејќи се работи за пазари на отворено, наше мислење е дека условите за работа во тој пример се подобри од оние на затворените. Предлагаме проблемот поврзан со големата маса луѓе на одреден простор да се реши со поставување редари кои ќе бидат одговорни за бројот односно растојанието меѓу луѓето, рече Љупче Димитров, раноградинар од село Банско.

Додаде дека настојуваат пазарите повторно да отворат затоа што тие се единствено место каде што може да се продава поголемиот дел од раноградинарските производи на територијата на нашата држава.

-Повторно апелираме до Владата и локалните самоуправи и ги замолуваме да го разгледаат ова наше барање, да седнат на маса и да се обидат да најдат начин и решение за овој проблем, побара Димитров.

На крајот се заблагодари за брзата реакција и одговорот на надлежните за прифаќање на нивните барања за олеснување на транспортот на стоката.