Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтерберг денеска најави дека утре ќе биде одржана видео конференција на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата, на која ќе учествуваат и министрите за одбрана на Финска и на Шведска, како и високиот претставник на Европска Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
– Мораме да се осигураме здравствената криза да не стане безбедносна и да бидеме подобро подготвени за новите предизвици, посочи Столтенберг.
Тој додаде и дека на состанокот ќе се разговара и за спротиставување на дезинформациите.
– Видовме дека државни и недржавни актери се обидуваат да ја искористат пандемијата за ширење на штетни тврдења, обидувајќи се да не разединат. Затоа е потребно да соработуваме за да ги идентификуваме, следиме и да ги разоткриеме таквите активности, посочи Столтенберг.
Тој оцени дека транспарентни медиуми се најдобра заштита од дезинформации и пропаганда.
Столтенберг се осврна и на помошта што Алијансата ја испрати до земјите-членки во справувањето со кризата со новиот коронавирус.
– Најмладата земја-членка на НАТО, Северна Македонија доби медицинска и финансиска помош од Чешка, Холандија, Унгарија, Норвешка, САД, Словенија и Турција. Благодарение на НАТО, земјите-членки испратија респиратори, медицинска опрема, заштитна облека во Италија, Шпанија, Велика Британија, Бугарија, Литванија, Полска, Романија, посочи Столтенберг.
Генералниот секретар на Северноатлантската алијанса наведе дека цивилните власти на земјите-членки имаат воена поддршка за планирање, полски болници, превоз на пациенти, репатрација на граѓани од странство, дезинфекција на јавните површини и на граничните премини.