Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, кој беше позитивен на тестот за коронавирус, вели дека бил хоспитализиран со билатерална пневмонија, а тоа е, како што вели, кога имате воспаление на двете белодробни крила.
Песков за рускиот весник Комерсант изјави дека луѓето можат да бидат лекувани дома доколку имаат еднострана пневмонија, односно ако е зафатено само едно белодробно крило.
„Ако тоа е билатерална пневмонија, немате друг избор освен да бидете во болница“, рече портпаролот на Кремљ.
Песков изјави дека персоналот на администрацијата на Путин речиси секојдневно се тестира на коронавирус, пренесува агенцијата ТАСС.
„Затоа имав чувство дека ситуацијата е под контрола, но за жал, еден колега со кого имав контакт се разболе во одреден момент и морав да заминам во самоизолација по 1 мај“, рече Песков.
Додаде дека кога подоцна го добил позитивниот тест за коронавирус, неговата температура се зголемила, а потоа и неговата сопруга Татјана Навка, која е олимписки шампионка во уметничко лизгање, почнала да покажува симптоми на коронавирус.
Песков рече дека кога неговата сопруга и тој сфатиле дека болеста напредува, двајцата заминале во болница.
„Што се однесува до оваа болест најважното е да не го пропуштите моментот“, рече Песков, додавајќи дека станува збор за „апсолутно насилен“ вирус.
Признава и дека извесно време носел значка, за која производителот тврдел дека може да блокира вируси.
„Кога новинарите почнаа да зборуваат дека таа всушност е штетна, престанав да ја носам“, рече Песков.