Сѐ уште не се знае кога ќе се отворат градинките

Скринингот во градинките денеска и официјално е почнат. Додека не сме сигурни дека вработените се негативни на брисевите, нема да се носи одлука тие да се отворат, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Тој појасни дека вчера се направени и финалните подготовки, а од денеска веќе се регрутирани вработените во градинките кои ќе бидат тестирани.

– Почнува скринингот во градинките, вчера се направија и финалните подготовки, денеска се регрутирани во градинките вработени кои ќе бидат тестирани, иако беше иницијално планирано тоа да биде во Центрите за јавно здравје со цел да се заштитат со оглед на тоа што тоа се здрави лица да не се мешаат со тие кои што се потенцијално заразени или со симптоми, а доаѓаат во Центрите за јавно здравје и тој процес ќе продолжи и понатаму, сѐ додека не сме сигурни дека се целосно здрави односно негативни брисевите, нема да носиме одлука градинките да се отворат – рече Филипче.

Според Филипче, отворањето на градинките уште претставува ризик, затоа што станува збор за сензитивна група, односно за малите деца.

– Тоа претставува ризик, меѓутоа не е само брис како брис податок за вработените, туку и многу други податоци во однос на околината, семејството, условите и контактите во кои што живеат тие. Значи нема да им биде земен само брис туку ќе се направи соодветна епидемиолошка анкета, ќе се откријат асимптоматските носители и тоа е целта во сите ризични групи кои сега ги таргетираме во смисла на ваков пристап со таргетиран скрининг. Ризик постои и откако би се отвориле градинките, и свесни сме за тоа, меѓутоа станува збор за исклучително сензитивна група, за малите деца и сметам дека од тука треба да се почне и сепак ќе добиеме некои податоци – рече Филипче во одговор на прашање.

Прашан колку време ќе трае скринингот, одговори дека според сегашната проценка на капацитетите, скринингот би траел десетина дена, меѓутоа ќе се анализира како ќе се одвива скринингот следните денови, а ќе ја имаат и предвид можноста да го надградат капацитетот на тестовите. Градинките, како што рече, мора да се отворат во исто време.

– Градинките мора да се отворат во исто време. Градинките ќе се отворат сите во едно време затоа што тоа е битно и за враќање на граѓаните на работа. Не може да отвораме една по една градинка. Според сегашната проценка на капацитетите негде десетина дена би требало да трае скринингот имајќи го предвид вкупниот број вработени во градинките, меѓутоа еве во следните недели како ќе почне тоа да се одвива може и да го надградуваме капацитетот на тестови во смисла на распоред по повеќе лаборатории. Нека почне денеска па следните денови ќе видиме. Мислам дека имаме сериозни шанси да го зголемиме бројот на тестови кои би се правеле во текот на еден ден па да заврши и за кратко време – рече министерот Филипче.