Повеќе од 700 туристички водичи во земјава и натаму се без приходи, а денеска групацијата уште еднаш јавно ќе предупреди за актуелната состојба во која се наоѓаат. Во Македонија има околу 970 водичи, од кои само 200 се вработени во туристичките агенции и нивната егзистенција до тој степен не е загрозена. Останатите денеска ќе укажат и на важноста од изготвување протоколи за работа.
Ќе бидат претставувани од претседателот на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници (МАТВП), Димитар Кавраков и потпретседателот Елвир Садиковиќ. Асоцијацијата веќе еднаш јавно побара помош од државата за надминување на корона кризата и достави предлози до надлежните институции.
„Сите туристички водичи и придружници, без исклучок, останаа без работа поради коронавирусот. Откажани се сите туристички групи што беа најавени дека ќе дојдат во Македонија. Засега е многу неизвесно дали во вториот дел од сезоната ќе има некаква работа. Состојбата се менува секојдневно, па зрак оптимизам влеваат најавите дека ќе бидат отворени границите и дека луѓето, туристи ќе може да патуваат без ограничувања, контроли и докази дека не се заразени или болни. Се надеваме дека од септември натаму ќе има по некоја група“, вели Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи и придружници на Македонија.
Тој напомена дека некои од колегите очекувале дека ќе добијат финансиска помош од 14.500 денари, но речиси никој не доби, бидејќи работниот статус на туристичките водичи и придружници на групи законски не е соодветно регулиран.