Русија планира уште годинава масовно производство на вакцина против Covid-19

Русија планира да произведе 30 милиони дози од експерименталната вакцина против Covdi-19 оваа година, со можност да произведе упте 170 милиони во странство, изјавил за агенцијата Reuters директорот на рускиот Фонд за директни вложувања, Кирил Дмитриев.

Првото испитување на вакцината на луѓе, кое траело еден месец и во кое учествувале 38 лица, завршило оваа седмица. Научниците заклучиле дека е безбедна за користење и дека предизвикува имунолошки одговор, иако засега силата на тој одговор уште не е јасна.

Поголемата, третата фаза од испитувањето, во којашто ќе бидат вклучени неколку илјади луѓе, би требало да започне во август, изјавил Дмитриев.

„Веруваме дека врз основа на досегашните резултати во Рисија ќе биде одобрена во август, а во некои други земји во септември… што значи дека би можела да стане првата одобрена вакцина во светот“, додал Дмитриев.

Во светот се развуваат повеќе од 100 можни вакцини со кои треба да се направи обид да се спречи пандемијата која се заканува со втор бран есенва. Најмалку две се во завршната трета фаза од испитувањата кај луѓе, според податоците на Светската здравствена организација (СЗО – WHO). Едната ја развива кинески „Sinopharm“, а втората „АstraZeneca“ и Универзитетот Оксфорд. Произведувачите се занимаваат со прашањато како масовно да се зголеми производството за да се задоволат глобалните потреби.

 

Имунитет на стадото

Дмитриев вели дека руската трета фаза од испитувањето на вакцината ќе се спроведува во Русија и во две блискоисточни земји, како и дека ќе започне по завршувањето на втората фаза од испитувањето на стотина лица на 3-ти август.

Русија разговарала со Саудиска Арабија за тоа да биде локацијата за пробното испитување, како и партнер во производството, изјави Дмитриев на посебна прес-конференција.

Московскиот Институт Гамалеј, кој го развил рускиот кандидат за вакцина, произведува дози за клиничките испитувања.

„Се проценува дека за постигнување на ткн имунитет на стадото во Русија треба да бидат вакцинирани меѓу 40 и 50 милиони луѓе“, рекол Дмитриев за Reuters.

Додал дека верува оти во Русија ќе се произведат околу 30 милиони дози оваа година, а потоа следната година да се доврши вакцинацијата.

Русија, исто така, склучила договор за производство со уште пет земји и би можела да произведе до 170 милиони дози во странство оваа година, рекол Дмитриев.

Не сакал да открие за кои земји станува збор и да изнесува поединости за цените, но рекол дека земји во Латинска Америка, на Блискиот исток и од други региони покажале интерес за увоз на вакцината.