Американскиот рапер Канје Вест изнесе во неделата неколку контроверзни и збунувачки коментари на првиот собир од својата претседателска кампања за која медиумите сметаат дека вистински е малку веројатна, а коментарите се однесуваа на американската аболиционистка Хариет Табмен.
Додека зборуваше за структурите на моќта кои влијаат врз афроамериканците, Вест изјави дека „Хариет Табмен никогаш вистински не ги ослободила робовите, туку само ги натерала да работат за други бели луѓе“.
Поради овие тврдења, некои од публиката наводно реагиреле со негодување, пренесуваат медиумите.
Тамбен, родена како робинка во сојузната држава Мериленд, според приказната за неа, е позната по создавњето на ткн „Подземна железница“, односно мрежа од тајни рути и безбедни засолништа кои им помагале на црните луѓе да се ослободат од ропството во втората половина од XIX век. Американската историографија ја бележи и како предводничка на аболиционизмот и суфражетка.
Канје Вест, кој на 4-ти јули ја најави својата кандидатура за американски претседател на изборите на 3-ти ноември, еден час мина на сцената во Чарлстон, во сојузната држава Јужна Каролина. Носеше панцирен елек, а на главата му беше избричена „2020“ година. Но кога зборуваше за расата, Вест стана видно емотивен.
„Најголемата расистичка изјава која некогаш е искажана е дека Канје Вест, доколку се кандидира за претседател, ќе ги подели црните гласови“, рече раперот.
Зборуваше и за темите кои се однесуваат на религијата, на финансирањето на училиштата, своите деловни планови, и ја критикуваше Демократската партија за која рече дека никогаш не им помогнала на црните луѓе, иако најмногу се надева на нивните гласови.
Токму од Демократската партија и медиумите блиски на неа, потекнуваат шпекулациите дека Вест како личност која го поддржува актуелниот републикански претседател Доналд Трамп, има цел со својата кандидатура да ги одземе гласовите на афроамериканците од контото на демократскиот кандидат Џо Бајден.
Американските медиуми пишуваат и дека во некои сојузни држави веќе минал рокот Вест да се пријави за учество на изборите.