Змејковски ја поддржа промената на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ

Новите промени во статутот кои денеска беа промовирани по седницата на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, според Борис Змејковски, првиот генерален секретар на партијата, биле и повеќе од потребни.

Вели дека овие промени биле потребни бидејќи тоа се промените на новото време. Посебно се осврна на тоа дека новиот Статут предвидува и Унија на ветерани, како и форум на интелектуалци на партијата.

Според изјавата на Змејковски за со Унијата на ветерани се дава должна почит на оние кои го понесоа првиот товар во Македонија и оние кои се бореа за идеалите на државата и партијата. Оваа одлука на ВМРО-ДПМНЕ, вели Змејковски, за многубројното членство значи споделување на заедничката идеологија.

На овој начин ќе се врати Унијата на ветераните и старото партиско членство кои со своето искуство и знаење можат многу да придонесат.

Со новиот Статут, вели Змејковски,  се демократизира партијата и се доведува на ранг на европските партии .

Дава поддршка и за новитетот кој го донесе партијата, а тоа е што се дава можност на членството директно да учествува во изборот на претседатели на Општинските Комитети.

Според него, фактот што секој член ќе придонесува за изборот е позитивен чекор.

Змејковски оценува дека сега гласот на партискиот член ќе биде посилен од било кога. Оваа негова изјава ја темели со измените  кои ВМРО-ДПМНЕ вечерва ги најави, а тоа е дека мандатот на претседателот ќе биде во ограничен број.