Ѓукановиќ изјави дека го почитува резултатот кој го постигна опозицијата која прогласи победа

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој е челник на Демократската партија на социјалистите, во своето прво обраќање по парламентарните избори ноќта кон понеделникот изјави дека ги почитува резултатите кои ги постигна опозицијата, и призна дека засега неговата партија со традиционалните коалициски партнери нема мнозинство во новиот парламент, но побара да се почека целосното пребројување на гласовите.

Мило Ѓукановиќ, кој ја има поддршката на Западот, е на власт во Црна Гора безмалку повеќе од три децении, повеќе од неговиот автократски белоруски колега Александр Лукашенко.

„Сѐ уште пристигнуваат резултатите и тешко е да се каже што е точна информација. Со коалициските партнери имаме 40 мандати (самата ДПС освоила 30 мандати -з.р.), борбата за мнозинството пратенички места сѐ уште трае“, изјави Ѓукановиќ истакнувајќи дека се обработени повеќе од 90 отсто од гласовите.

Истакна и дека ќе ги сочека и конечните резултати на Државната изборна комисија, додавајќи дека ќе ги почитува нивните резултати. Аналитичарите толкуваат дека тоа е порака на Ѓукановиќ дека не се откажува од власта и дека очекува победа, веројатно многу тесна или подоцна создавање мнозинство.

„Нашата партија во текот на своето севкупно постоење на политичката сцена изгради профил на граѓанска партија која се бори за мултиетничко општество и европски систем на вредностите. Мислиме дека во текот на изминатите години направивме исчекор, дека Црна Гора стана светилник на западен Балкан и се надевам дека така и ќе остане и дека Црна Гора ќе остане стабилна држава“, изјави Ѓукановиќ.

Црногорската опозицја претходно прогласи победа на парламентарнитеи избори, на коишто според прелиминарните податоци на Центарот за мониторинг (ЦеМИ), трите опозициски коалиции „За иднината на Црна Гора“ која ја предводи Демократскиот фронт кој се опишува како просрпска партија, „Мирот е нашата нација“ и „Црно на бело“, кои ги водат партиите Демократи и УРА, освоиле 42 мандати во црногорскиот парламент кој има 81 пратеник.