3.8 C
Skopje
сабота, ноември 23, 2024

Ердоган: Источниот Медитеран е испит на искреноста на ЕУ

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му рече на претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел дека ставот на Европската унија во грчко-турскиот спор на истокот на Средоземното море ќе биде тест за нивната искреност и ги повика на непристрасност.

Турција и Грција се во спор околу резервите на природен гас во источниот Медитеран и суверенитетот над тие води.

„Провокативни коментари и чекори на европски политичари нема да помогнат да се дојде до решение, му порача Ердоган на Мишел, како што објавија од неговиот кабинет.

„Претседателот Ердоган рече дека позицијата на ЕУ во источен Медитеран ќе биде тест за искреност од перспектива на меѓународното право и регионалниот мир“, се вели во соопштението на турскиот претседател.

„Претседателот Ердоган ги повика институциите на ЕУ и земјите-членки да постапуваат одговорно и да останат фер, непристрасни и објективни кон сите регионални прашања, особено кон источниот Медитеран“, се додава во соопштението.

Мишел во петокот рече дека лидерите на ЕУ ќе се состанат на 24-25. септември да донат одлука за пристапот „морков и стап“ кон Турција и предложи мултилатерална конференција насочена кон ублажување на тензиите во источниот Медитеран.

ЕУ повеќепати ја критикуваше Турција за истражување на наоѓалиштата на гас во близина на грчките острови Кастелориза, Родос и Крит.

Претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел разговараше телефонски со Ердоган во неделата, изјави претставник на ЕУ.

Мишел ја истакнал важноста од деескалацијата на напнатоста во источниот Медитеран и ја повика Анкара „да се воздржи од активности што ги разгоруваат тензиите“, додаде европскиот извор.

Турција го испрати својот истражувачки брод Оруч Реис, придружуван од воени бродови, во спорните води меѓу Кипар и грчките острови Кастелориза и Крит во август.

Земјата ја продолжи својата мисија за истражување на гас по трет пат во рок од еден месец што треба да трае до 12 септември.