Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека сите земји во регионот разговараат во еден момент да ги отворорат границите со изедначена политика во однос на ПЦР тестовите. Идејата е да се отворат границите без тие тестови, истакна Филипче одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа дали македонските граѓани ќе можат да излезат од границите во регионот.
„Земјите-членки на ЕУ имаат само препорака, немаат генерална политика на ЕУ по ова прашање и во таа смисла имаат слобода да одлучуваат каков ќе биде режимот на границите. Точно е дека најавивме во неколку наврати претходните недели дека ќе имаме некаква одлука, но за жал го чекавме одговорот од соседните земји. Конечно одговорија во текот на изминатата недела, профункционира системот на координација, кој сега е поддржан од Американската амбасада во Скопје. Искрено се надевам дека дефинитивно ќе се разменат сите информации и врз основа на тоа што значи точна епидемиолошка ситуација во секоја од земјите од Западен Балкан плус Бугарија и Грција, ќе заземеме заеднички став“, рече Филипче.