Швајцарсиките гласачи на референдумот во неделата го одбија со големо мнозинство предлогот на десната партија за укинување на договорот за слободно движење на луѓето со Европската унија, потврдија конечните резултати.
Предлогот беше на Швајцарската народна партија (SVP) која се противи на либералната имигрантска политика која во земјата носи годишно 75.000 жители на ЕУ, што доведува до губење на работните места, пренаселеност, пораст на трошоците за домување и притисок на состемот за социјална грижа.
Гласачите во неделата го отфрлија овој предлог со 61,7 отсто, покажуваат конечните резултати кои ги потврдија податоците од анкетите. Противниците на предлогот на SVP сметаа дека тој би довел до недостиг од квалификувани работници и ќе ја загрози швајцарската благосостојба.
Сега резултатите од овој референдум може да дадат нови поттик на преговорите меѓу ЕУ и Швајцарија за рамката со којашто би се регулирале и другите тешки билатерални прашања.
ЕУ сака да ги обедини сите прашања во еден договор и да ослабе некои привилегии кои Швајцарија ги испреговара претходно, но Швајцарците одбиваат. Нивната земја не е членка на ЕУ, но кознервативците кои ја сочинуваат владата сметаат дека со таков договор со Брисел би можело постепено да биде потчинета на европските закони.
Европските челници во неделата ги поздравија резултатите од референдумот.
„Сакаме дополнително да ги консолидираме и продлабочиме нашите односи“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсила фон дер Лејен.
Швајцарците во неделата гласаа за уште неколку прашања. Со мнозинство од 60 отсто го поддржаа породилното отсуство за татковците во текот на кое ќе добиваат 80 отсто од платата.
Гласачите со изненадувачки тесно мнозинство од само 50,1 отсто го поддржаа планот на владата за издвојување на шест милијарди швајцарски франци за набавка на нови борбени авиони.
Тоа ќе ѝ овозможи на владата следната година да бира меѓу типовите на „Eurofighter“ на европскиот произведувач „Airbus“, француските „Rafale“, „F/A-18 Super Hornet“ на американски „Boeing“ и „F35-A Lightning II“ на американски „Lockheed Martin“
Швајцарците во 2014 година гласаа против купувањето на 22 шведски борбени авиони од типот „Gripen“. Швајцарското воено воздухопловство во моментов има 26 авиони од типот „F-5 Tiger“, стари четириесетина години кои служат само за тренажни летови, и 30 авиони од типот „F/A-18“ кои би требало да бидат повлечени од употреба до 2030 година.
Исто така, со тесно мнозинство со 51,9 отсто Швајцарите го отфрлија предлогот за измени на законот за лов на волците, кој би го олеснил нивното усмртување.
Сегашниот закон, кој ја регулира и заштитата на дивите животни, потекнува уште од 1986 година, кога во Швајцарија немало волци. Овие животни во земјата се вратија од 1995 година и сега ги има 80 во осум чопори. Кантоните може да дозволат лов кога волкот предизвикува големи штети. Ревидираниот закон требаше да овозможи кантоните да делуваат превентивно за да се спречи волците да не ги колат овците и козите, за да се осигури тие да се плашат од луѓето, објаснуваат властите. Здруженијата за заштита на животните го бараа референдумот против новите законски одредби.