Бочварски и Баздникин разговараа за гасификацијата во државава и директно авионско поврзување со Русија

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска се сретна со амбасадорот на Руската Федерација во Македонија,  Сергеј Баздникин , со кого разговарале за повеќе тековни капитални проекти во државава, со посебен акцент за гасификацијата преку изградба на магистралните гасоводи. Станало збор и за можноста за воведување директни авионски линии меѓу двете земји.

Mинистерот Бочварски го информирал aмбасадорот Баздникин за инфраструктураните проекти што се реализираат во државава, како и за планираните проекти за изградба и модернизација на Коридорот 8 и Коридорот 10 и 10 д.

„Оваа средба беше одлична можност да го запознаам амбасадорот со крупните капитални проекти што ги реализираме во нашата држава. Посебен фокус ставивме на изградбата и модернизацијата на патната мрежа на Коридор 8 и 10, железничкото поврзување кон Бугарија, како и изградбата на магистралниот гасовод во земјата. На средбата разговаравме и за можноста за воведување на директни авионски линии меѓу двете земји“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Како што соопшти Министерството за транспорт и врски, на средбата се разменети мислења и искуства на двете земји во однос на справување со економските предизвици во услови на Ковид кризата.

Министерот изразил благодарност за досегашната соработка на Република Северна Македонија со Руската Федерација и ја нагласил потребата од одржување и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји