Тревога во Португалија и Холандија поради голем раст на случаите на коронавирусот, СЗО бара решителност

Португалија и Холандија забележаа во петокот рекодрни показатели на новозаразени со коронаворусот, а португалскиот претседател ги повика сограѓаните „добро да размислат“ за големите семејни собири за Божик.

Португалија во петокот пријави најголем број новозаразени со коронавирусот во еден ден во последните шест месеци, од кои две третини наводно се заразиле на семејни собири.

Официјалните податоци објавени денеска покажуваат дека оваа земја со 10 милиони жители во последните 24 часа имала 1.394 потврдени случаи на коронаинфекции, што е најмногу по 10-ти април кога имало 1.516 зарази.

Со тоа Португалија има вкупно 83.928 потврдени случаи на зараза, а во моментов има 936 хоспитализирани, од кои 125 се на одделите за интензивна нега. Со 12 починати во петокот, вирусот во оваа земја досега покоси 2.062 лица.

„Семејните дружења како венчавки и крштевки се одговорни за 67 отсто од случаите на зараза пријавени во Португалија овие денови“, изјави за медиумите директорката на заводот за јавно здравје, Граса Фреиташ.

Во вакви околности португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза порача дека треба „добро да се размисли за Божик во семејниот круг“, повикувајќи ги сонародниците по повод овие празници да не организираат големи семејни собирања.

Португалската влада претходно во четвртокот рече дека следната седмица ќе дискутира за тоа дали се потребни нови мерки за да се запре повторното ширење на епидемијата.

Холандија пријави речиси 6.000 новозаразени во еден ден, објави во петокот Државниот институт за јавно здравство и животна средина (RIVM).

Во изминатите седум дена пријавени се околу 34.000 новозаразени, со остар раст на бројот на пациентите на кои им е потребно болничко лекување и интензивна нега. Од избувнувањето на епидемијата во март во Холандија се регистрирани повеќе од 162.000 случаи на зараза и 6.544 смртни исходи.

Премиерот Марк Руте изрази голема загриженост поради последните показатели. „Ние сме меѓу трите најпогодени земји во Европа, полоши сме и од Америка“, рече. Без да изнесе конкретен план, премиерот порача дека не исклучува драстични мерки доколку состојбата не се поправи во следните 72 часа.

Градовите Ротердам, Хаг, Утрехт и Амстердам имаат посебно високи стапки на ширење на заразата, според последните седмични извештаи.

 

СЗО ги повикува владате на решителни акции

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) ги повика во петокот европските влади да преземат решителни акции за да се намали пренесувањето на коронавирусот, на пример забрани за поголеми собири. Европа во четвртокот првпат имаше повеќе од 100.000 заразени.

„Немам нови одговори, знаеме што треба да направиме. Навистина е тажно што многу земји во Европа се соочени со рапиден раст на брокот на заразените, а валдите мора да преземат решителни акции за да се обидат да го спречат пренесувањето“, изјави на брифингот во Женева директорот на програмата на СЗО за вонредни ситуации, Мајк Рајан.

Клучно се социјалната дистанца, носењето маски и доброто проветрувања, додаде Рајан. Истакна дека мора да се биде претпазлив со поголемите собири, и повтори дека е неопходно да се заштити повозрасната популација и ранливите групи.

СЗО во петокот регистрирал најголем дневен раст на случаите на коронавирусот на глобално ниво, односно 350.755 потврдени зарази во последните 24 часа. Повеќе од 36,58 милиони случаи се забележани од почетокот на пандемијата во светот, а повеќе од милиони луѓе починале.