Во изолација 309 деца од сите градинки и 50-тина вработени

Бројот на заболени деца и вработени во градинките во последните две недели се зголемува, но генерално нивната здравствена состојба е добра. Од стартот на отворањето на градинките досега има вкупно 18 деца и 55 вработени позитивни на коронавирусот.

Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, трендот е ист како и епидемиолошката состојба во земјава. Во периодот од 6 до 19 октомври регистрирани се шест дечиња и 21 вработен позитивени на вирусот.

-Здравствената состојба на сите што досега беа позитивни дечиња и вработени е добра. Немаме хоспитализација, освен оние две што претходно се завршени. На голем дел периодов им заврши изолацијата така што генерално здравствената состојба на децата и вработените во градинките е добра, изјави Шахпаска, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на градинката „Темјанушка“ во Гази Баба.

Во моментот, во изолација се вкупно 309 дечиња и околу 50-тина вработени.

Вели состојбата се следи и ќе се носат одлуки во консултација и соработка со здравствените и локалните власти.

-Будно се следи состојбата. Ќе носиме одлуки заедно со локалните самоуправи затоа што не секаде епидемиолошката состојба е иста. Најважен капитал е здравјето на граѓаните и на најмладите, рече Шахпаска, одговарајќи дали се размислува за затворање на градинките