Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за австриската „ОРФ ТВ“ вели дека веста од Брисел сите јво Македонија ја примиле со големо разочарување.
-Кога во 2017 година со Република Бугарија го потпишавме Договорот за добрососедство и пријателство, се чинеше дека постои јасно изразена политичка волја на двете страни да се имплементира договорот, според неговата содржина. Сега, истата политичка структура којашто стои зад потпишувањето на Договорот, излегува од неговите рамки и оди во спротивна насока од основните Европски принципи и вредности – вели Пендаровски.
Пендаровски во интервјуто зборува за ветото од Бугарија и за барањата на источниот сосед кон земјава.
-Никаде во Договорот од 2017 година нема ниту една единствена група, а не член, не пасус, не преамбула или како било дел кој зборува дека ние треба да дебатираме во рамки на тие билатерални разговори за етничкото потекло на нас Македонците. Нема ниту една единствена буква, дел, артикл, член, што било, кој вели дека ние мораме да преговараме со бугарската страна за тоа дали јазикот на кој сега јас зборувам со вас е македонски или не е – вели Пендаровски.
Во однос на Договорот за добрососедство тој порачува и дека не може држава од позиција на земја-членка на ЕУ да наметнува услови и да кажува како треба да се чита историјата или како да се толкуваат одредбите од Договорот.